СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Анализи

Црни облаци на хоризонтот – каде вози автомобилската индустрија?

 

Според студија на консултантинг компанијата AlixPartners, во следните 3 години производството на автомобили кумулативно ќе се намали за околу 36 милиони возила. За да се произведе останата количина на производителите ќе им биде потребно ново задолжување од 72 милијарди долари.

Автомобилската индустрија полека ги пали моторите. Производството се растартира а натрупаните залихи на возила се намалуваат. Таков е моментот, но во целата работа во воздух лебди едно големо „но“.

Најпрвин рестартирањето оди исклучително споро поради условите и многу претпазливо поради предвидувањата. Таму каде што од производните ленти досега излегуваа по 60 возила на час, сега тие се тркалаат со многу по спор ритам.

Недостасуваат порачки, а и кога ги има, проблем се јавува со снабдувачите. И тие се во истиот, лош и неизвесен, филм.

Без да ги именуваме производителите поединечно, стана принцип, големите корпорации да бараат свеж капитал за повторно рестартирање на погоните. Кратењето на производната гама и отпуштањето на работници се пропратните непријатности кои одат заедно со прекинот на синџирот: порачки-производство-продажба. А пандемијата го направи токму тоа.

Ако се повикаме на светски познатата конслатинг компанија AlixPartners која има свои испостави низ цел свет, ќе забележиме дека во нивните проекции преовалдуваат црни бои, со по некоја сива нијанса.

Најновата анализа која ни доаѓа од нив говори дека во следните три години, кумулативната продажба (значи и производство) на автомобили ќе се намали за цели 36 милиони единици.

И за да се произведат тие возила, ќе бидат потребни додатни заеми – вклучувајќи ги и веќе зементите во 2020 година – во висина од 72 милијарди (или како што велат американците, билиони) долари.

При изработка на нивната студија се зимаат во обзир сите фактори кои можат на некој начин да влијаат на овие прогнози.

Тука се смета и на трошоците кои големите компании ги вложуваат во развој на нови технологии. Поголемиот дел од тие трошоци одат на електричните возила и автономното управување со нив.

Според нив, не помала несоница кај одговорните инженери создава и исполнувањето на најавените еколошки стандарди. Како илустрација: намалување на 5 gr/km на штетниот CO2 кај некој од моторите, „јаде“ над милијарда долари.

Во оваа ситуација спасот може да биде само политички, односно да се одложи имплементацијата на веќе поставените таргети. Констатацијата највеќе се однесува на европските производители поради тоа што останатите големи пазари се далеку полиберални во тој поглед.

Во студијата наречена The AlixPartners Global Automotive Outlook: Mastering Uncertainty детално се анализираат и континенталните влијанија предизивикани од Covid-19.

Според нив најмали загуби ќе претрпи кинескиот пазар кој прв се затвори но и најбргу се рестартира, и тоа со полн капацитет.

Од наш интерс се разбира е европскиот пазар кој е прилично развиен но во иста мера и компликуван поради големото влијание на регулаторите и релациите помеѓу работодавачите и синдикатите.

Во едно само можеме да бидеме сигурни: враќањето на позициите од 2019 година, во најоптимистичката варијанта, се очекува да се случи во 2025 година. Гледано од оваа неизвесна перспектива, прогнозите можат да бидат и само добра желба. Дефинитивно, развојот на ситуацијата ќе зависи од „вишата сила“ која ја донесе ураганот наречен, Covid-19.

Во сите овие проекции ние како држава, земајќи ја предвид големината на пазарот, можеме да бидеме одлични наблудувачи!

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Анализи