СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Од 2035 Европа ќе вози само на струја

 

Европскиот парламент донесе одлука: од 2035 година во Европа ќе се продаваат само автомобили со нулта емисија на издувни гасови.

Дефинитивно електриката ќе загосподари со автомобилскиот свет.

Европскиот парламент со 340 гласови-за, 279 гласови-против, и 21 воздржани од гласање европарламентарци, конечно ја одреди авто-иднината.

Од 2035 година по продажните салони ќе смеат да се продаваат само автомобили со нулта емисија на штетни гасови. Поинаку кажано, новите автомобили како погонско гориво ќе користат само електрична енергија.

Драматичноста на оваа одлука не може да ја намали ниту фактот што до тој датум ќе може да се купат, а потоа и до крајот на својот животен век да се употребуваат и возила на бензин и нафта.

Упатените во еколошките случувања знаат дека ова е само дел од големиот план за јагленичка неутралност која треба да се оствари до 2050 година. Логиката вели дека автомобилите имаат просечен век на траење од околу 15 години, па така до 2050 г. класичните автомобили целосно би ги снемало од улиците.

Во меѓувреме Европскиот парламент ќе се бави со носење одлуки за начинот на кој ќе се произведува електричната енергија, потоа со регулатива за рециклирање на батериите, за употреба на еко-материјали при производството на возила,… и уште низа други акти поврзани со употребата на електричните автомобили.

Што би требало тоа да значи?

Иако поголем дел од стручната јавност беше против воведување на оваа мерка, сепак политичарите беа неумоливи. Соочени со усвоената регулатива, производителите ќе мора сите свои капацитети да ги насочат кон исполнување на зададените задачи.

И најголемите автомобилски традиционалисти сега ќе мора да се заложат за развој на електрично придвижуваните возила.

Јасно, говориме само за европскиот пазар. Но, влијанието токму на европскиот пазар врз глобалните движења е од пресудно значење. Не толку како големина на пазарот, колку што е влијанието на европските прозиводители врз целокупната индустрија.

Гледано од аспект на европските производители можеби одлуката на европските парламентарци изгледа како пукање во сопственото колено. Тоа највеќе поради фактот што кинеските производители се можеби цела декада пред останатиот свет во производтсво токму на чисто електрични возила (EV).

Од другата на Атлантикот преструктуирањето на индустријата веќе е во поодмината фаза. Stellantis групата, во чиj состав ги има и Chrysler и Jeep, потоа електрификацијата на General Motors и Ford, но уште цела низа нови брендови предводени од Tesla, покажуваат силна и непоколеблива посветеност кон електрично придвижуваните возила.

Јапонските производители предводени од светскиот лидер Toyota, отворено негодуваа за целосна електрификација – иако во позадина само Toyota развива серија од триесетина EV – но се чини дека и кај нив веќе сите дилеми околу електрификацијата се отклонети.

Јужнокорејските производители одамна се качени на возот кој вози на струја. Погледот кон EV моделите на Hyundai и Kia нé оставаат стратешки дилеми.

Каде е Европа?

На евроспските производители, а пред сé на германските и француските, им требаше долго време да се отрезнат од успешната дизел-приказна.

Иако на прв поглед изгледа дека сите тие имаат веќе подготвено, или имаат модели пред лансирање, сепак се добива впечаток дека тешко фаќаат приклучок со далекуисточните конкуренти.

Највеќе поради зависноста од компоненти за EV кои доаѓаат директно од Кина. Додатно, мал автомобил производен во Европа едноставно не може да биде евтин.

Како главните причини за тоа обично се наведуваат исполнувањето на строгите еколошки и безбедносни норми, скапиот развој и високите трошоци на производство. Воедно овие причини се и главно оправдување за поприличното зголемување на цените на новите автомобили.

Што ќе се случува до 2035 година

За 2025 се најавени новите Euro 7 норми против загадувањето. Отворените негодувања на европјаните се многу гласни, но екологистите имаат силни аргументите. Тие норми дефинитивно ќе ги пратат дизелите во историја, но и бензиските мотори без помош не електриката нема да можат да ги исполнат идните норми.

Не е тешко да се предвиди дека хибридните плагин возила додатно ќе добијат на тежина. Истовременото интензивирање на развојот на EV би требало да биде императив. Тоа ќе чини додатно ангажирање на капитал и човечки ресурси. Излишно е да се говори кој сето тоа ќе го плаќа.

Развојот на нови бензиски мотори исто така чини многу, па логично звучи прашањето, кој тоа ќе се одлучи да вложува во нови технологии кои ќе траат само уште една декада.

Додатен проблем производителите ќе биде соочувањето со електричното цунами кое доаѓа од далечниот исток. Тој бран, за сега само во блага најава, веќе продира во Европа, и тоа само со минимален број грижливо избрани модели.

Рефлескии на пазарот

Конечната одлука на Европскиот парламент, без никаков сомнеж, има далекусежни последици по автомобилската индустрија.

Картите ќе бидат измешани, традиционалните производители ќе бидат под силна пресија, појавувањето на нови играчи е очекувано, а во прв момент кинезите со сите сили ќе се трудат да ја задржат стекнатата технолошка предност.

Иницијално цените ќе растат, а по 2030 година најверојатно Европа ќе подготви конкурентни модели со цени кои ќе почнат да парираат на ривалите од Далечниот исток.

По се изгледа следната декада ќе се возиме хибридно, со постепено префрлање на акцентот од фосилните горива на електричната енергија. Поради големата технолошка мешаница за очекување е дека ќе се продаваат се помал број автомобили и тоа по цени кои нема баш да ни се допаѓаат.

Едно е сигурно, иднината се проектира без присуство на мотори со внатрешно согорување, без менувачи и (секако) без издувни цевки!

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг