СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Тестови

Toyota C-HR AWD-i: Стилско кросовер-купе за сите возрасти

 

Втората генерација на C-HR доаѓа со три различни хибридни комбинации, погон на предната или на двете оски, и со пет нивоа на опрема. Ние ја возевме варијантата со интегрален погон (AWD-i)  и највисокото ниво на опремa, GR Sport.

C-HR е направен за помлади луѓе. Поради тоа логично звучи прашањето: што барам ја со моите 60+ лета во него?!

Да навистина, што барам јас во автомобил кој очигледно е конструиран за популација со упола помалку лета?

Добро, ај најпрвин малку за фактите. Од првата генерација претставена во 2017 год. над 840 илјади европски купувачи се одлучиле за возење на екстравагантно нацртаниот кросовер.

Но дали баш сите биле млади луѓе, или пак меѓу нив има и лубители на високата технологија сокриена под авангардно скроената каросерија.

Не сум баш сигурен. Па кому не би се допаднало да седи зад управувачот на C-HR ген. II. Поготово ако е комабинација на посилниот, 2.0 литарски хибриден агрегат и интегралниот AWD-i погон.

Згора на тоа, силината се пренесува преку контунуирана CVT трансмисија, а задната оска ја врти посебен електромотор.

И кога на таа комбинација ќе се додаде содржината од GR Sport пакетот на опрема, приговорите околу возраста губат секаква смисла.

Технологија

Омилена тема за разговор на најголемиот светски производител е токму технологијата. На сцена е петтата генерација на нивниот хибриден погон.

Комбинацијата на бензиски мотор и електричен мотор кој се напојува од истиот тој бензинец, сериски е во функција уште од 1997 год.

А тоа им се допаѓа на корисниците од сите возрасти, па зошто не и на младите во душа како што е пример и авторот на овој текст.

Ајде малку за бројките: бензинецот од два литра испорачува максимални 152 КС. Освен за придвижување тој служи и како генератор кој ја полни батеријата со капацитет од 4.08 kWh.

Таа енергија со радост ја користат двата електромотори од кои едниот е сместен во самиот менувач а вториот надолжно на задната оска.

Дали говориме за интегрален погон? Да секако. Toyota го нарекува AWD-i што во превод значи дека задната оска се активира само кога електроника (која по дефиниција е интелигентна, нели?) ќе одлучи така.

И сега повторно да го актуелизирам прашањето, што има врска возраста со влошените услови на патот?

Поготово ако се знае за штедливоста на хибридниот склоп. Сега, максималната системска силина од 197 КС повеќе ќе им се допадне на подинамичните возачи, но кој вели дека треба да се впрегнува целата ергела.

Важно е да се има резерва во случај на погрешни проценки. За големо чудење е фактот што и тоа им се допаѓа на сите возрасти.

А кога сме кај универзалноста, без никакви дилеми економичното возење им се допаѓа на сите.

Градските 6 литри се експресија на високата технологија применета при секоја фаза на проектирањето. Еколошки освестените корисници, освен на малите емисии на штетни гасови, ќе се радуваат и на употребата на рециклиран материјали.

Облик

Првата генерација, која на пазарот помина цели седум години, воопшто не оддаваше знаци на застареност.

Напротив, сеуште делува толку свежо што кога беше најавен наследникот најчестите коментари беа во стилот: што сега ново може да биде понудено?

Епа може. Погледнете ја свежината која ја носат панелите скроени во облик на дијамант, па ќе стане појасно. Иако според обликот моделот 2024 е стилски е на чисто со потеклото, наследникот всушност целиот е наново проектиран. Посветеноста кон деталите, исто како и примерната завршна обработка спаѓаат во чисто наследство.

Токму во врска со обликот се однесуваа и најголемиот број коментари околу адекватноста на возраста со обликот и пропорциите на новиот C-HR.

Ама јас воопшто не попуштам пред агресивните приговарачи. Лесниот влез и одличната ергономија, ми даваат додатни аргументи, а воедно ме охрабруваат при докажувањето.

Да не говориме за безбедносната опрема со која Toyota воопшто не се пазари со своите корисници – сите добиваат максимум.

А во овој пакет тука се и огромниот стаклениот кров изработен од посебно стакло кое пропушта светлина, а не пропупта топлина, потоа хедап дисплејот како и големиот (12.3 инчи) централен „таблет“ со сите потребни информации.

Ако почнам да набројувам се што има о максималниот, GR SPORT пакет (а мене ептен ми прави мерак) ќе ми биде потребно поприличен простор.

Возење

Да бидеме до крај искрени има и работи кои при неколкудневното дружење малку ме нервираа, а со тоа веројатно ќе се сложат и корисниците од моја возраст. Тоа бездруго се звучните сигнали кои предупредуваат за сé нешто. Свират и тука нема спас.

Можеби токму на таа позиција помладите техномани нема да се сложат со мене, но тука нема приговори – генерациската разлика доаѓа до полн израз.

А возењето е токму такво како што сме навикнале кај Toyota. Па дури и за нијанса попрефинето од порано.

Се тргнува на струја, потоа бензинецот нечујно ја презема улогата на придвижувач (воедно и генератор на ел. енргија), за да целиот систем се стави на услуга на желбите на возачот и условите на патот. Да, токму од условите на патот зависи и ангажманот на електромоторот (41 KС) сместен пред задната оска.

Ако посакате да возите само на струја, и тоа ќе ви биде овозможено се додека има енергија во батеријата. За избор на стилот одлучува возачот, а ако тој малку претерува тука се контролните системи кои веднаш ќе го вразумат.

Иако оваа комбинација ја познаваме од Corolla Cross, се чини дека кај помалиот (и постилски) брат додатно е поработено на контролната електроника.

Toyota C-HR 

(2.0 Hybrid E-CVT AWD-i GR Sport)

мотор линиски бензинец со “Full hybrid” асистенција, четири цилиндри, сместен напред, попречно
работна зафатнина 1.987 cm3
пречник и од 80,5 × 97,5 mm
напојување две брегасти оски, четири вентили по цилиндар, компресија 14,0:1
максимална силина 112 kW / 152 КС @ 6.000
максимален вртежен момент 190 Nm  @ 4.400- 5.200 врт/мин.
пренос на силина e-CVT, бесстепенски автоматик, интегрален погон
електромотори  преден/заден 83 kW (113 КС)  / 30 kW (41 КС)
системска силина 145 kW / 197 КС
потпирање Напред: независно, McPherson, стабилизатор / Назад: независно, просторна оска, стабилизатор
сопирачки: напред / назад вентилирани дискови / вентилирани дискови  – ABS, EBD, ESP
должина x широчина x височина 4.360 x 1.830 x 1.570 (mm)
меѓуоскино растојание 2.640 mm
тежина 1.430 kg
максимална брзина 180 km/h
забрзување од  0 – 100 km/h 8,1  секунди
комбинирана потрошувачка 5,1  l/100km
емисија  на CO2 (WLTP) 115  gr/km

 

Во принципи, зад воланот не мора да се грижите дали ќе работи само бензинецот или пак во функција се става едниот или пак двата електромотори. Toyota C-HR AWD-i го знае и го може тоа.

Меракот дека управувате со стилски спакувано, современо парче технологија, доаѓа како бонус.

Финансиската компензиција за вака дотераното возило изнесува 51.190 евра. Со одредени корекции на очекувањата, почетната варијанта може да се добие за далеку пониските 33.990 евра.

И да прашам сега, што од изложеното не е наменето за повозрасната публика, како што сум јас, на пример?!


 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Тестови