СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Porshe Taycan: Иднината нема да биде досадна

Во Скопје е претставен технолошки најнапредниот автомобил што воопшто пристигнал во државата. Целосно електричниот Porsche Taycan го придвижуваат два електромотори со вкупно 670 КС – првата стотка ја фаќа за 2.7 секунди.

Воопшто не ми беше јасна идејата со билбордите на кои беше закачен Porsche Taycan.

Новиот спортски електричар на Porsche, штотуку излезен од под фабричките наковални, исправен пред нашите очи, онака во бела боја, директно ги напаѓаше сетилата на познавачите.

Истовремено, лаичките очи го гледаа како уште еден автомобил од „сликите“.

Конечно, следеше покана од „Порше Македонија“ за промоција на Golf 8. Откако таа заврши се преселивме во салонот на брендот Porsche каде сите дилеми околу билбордите добија свој логичен епилог.

Во салонот беше изложен примерок на Porshe Taycan, идентичен на тој од билбордите. Признавам, одлично осмислено од страна на Porsche Macedonia – изненадување „пар екселанс“.

 

Настанок

Taycan е првото електрично возило на Porsche, кое е краен резултат на концептот Mission E кој беше претставен во 2015 година. При проектирање на сериската изведба некаде е заборавено на опозитното отварање на вратите, но во принцип тоа е обликот кој имресионираше уште при првото појавување пред пет години.

Во постигнувањето на врвни резултати голем придонес ќе даде рекордно нискиот аеродинамичен отпор од само 0.22 кој истовремено ќе помогне во ублажување на ефектот од зголеменета тежина (2.305 kg).

Да не за боравиме, говориме за премиум спортски бренд од кого се очекува само најдоброто. Да, и за бренд кој го носи наследството од 911-ката. И токму затоа очекувањата од Taycan се големи, затоа што со него се исцртува иднината на Porsche.

 

Технологија

Воопшто, кога станува збор за електрични автомобили, малку ново може да се понуди. Принципите се прилично едноставни – се вградуваат батерии кои  обезбедуваат енергија за електромоторите.

Најголемите варијации се на тема менаџирање на енергетските ресурси и преносот на силина. Истото важи и за Taycan – само што кај него сé е малку поинаку. На пример ова е првиот електричен модел што користи двостепена трансмисија.

Turbo верзијата на Taycan има 2 електромотори, по еден на секоја оска, кои во содејство развиваат 670 КС. Двостепенскиот менувач е поставен на задната оска и е поврзан само за задниот електромотор. Заслугите за лансирањето на Taycan за 2.7 секунди до 100 к/ч, одат директно на негова адреса. Батериите со капацитет од 94 kWh, доволни се за автономно движење до 450 километри.

За Porsche не важи џентлменскиот договор на германските производители за ограничување на максималната брзина (250 км/ч), па Taycan благо ја надминува таа граница (260 км/ч).

Инспирација за организирање на внатрешниот простор е најдена во новата генерација на 911. Но тој впечаток останува таков се дури не се притисне копчето за контакт. Три големи екрани, еден лоциран на местото на класичната инструмент табла која сега е заменета со комплетно дигитален систем од 11 инчи и два екрани на централната конзола.

Позицијата на седење е идентична како кај 911, а поради зголемување на просторната понуда, батериите се поставени под самите задни седишта.

Со лансирањето на Taycan, Porsche ги смирува сите љубители на спортските возила и скепцити на неизбежниот премин од возила со класични мотори кон возила на електричен погон. Иднината нема да биде досадна, таа ќе биде електрична!

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

фото: Porsche Macedonia

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг