СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Тестови

Citroën C4: Хибриден изглед на мулти енергетскиот компакт

 

Французите од Citroën ја надминаа фазата на креативно толкување на технологија, сега се префрлени на теренот на кој се диктираат трендови.

Новиот C4 е во секоја смисла на зборот – нов. Во веќе исцрпениот концепт на класичните компакти, тој е толку иновативен што во иднина ќе послужи како репер во класата.

Гледано од концепциски аспект, зголемената височина со која се доближува до кросоверите, од една страна ги стеснува каросериските опции, но од друга нуди огромни просторни предности во однос на досега доминантните облици.

Делумно поради мулти енергетската архитектура, ослободувањето простор за сместување на батериите (кај електричната верзија) услови зголемување на височината како и зголемување на обемот на тркалата, што заедно придонесе за олсободување на додатен простор во ентериерот.

Пружената шанса конструкторите на Citroën ја искористија на начин како што само тие знаат. Во исти габарити, и без разлика на вградениот бензиски или дизел агрегат, или пак само на електромотор и сет на батерии, патниците ќе уживаат во раскошно скроен ентериер.

Вообичаено, невообичаен облик!

Citroën нé има навикнато на невообичаени облици, па сега нивното „ново“ малкумина може да изненади. Едноставно тие секогаш се уникатни. Зошто и компактот со големи амбиции би отстапил од тоа правило?

Предниот дел е акцентиран во долниот дел, а во исто време на задниот дел се истакнува горната половина. На што се должи хармонизираната целина ќе знаат да одговорат само врвните естетски аналитичари. Останатите брзо ќе се навикнат на „новата реалност“ лансирана од Citroën.

Предната светлосна група поделена на три нивоа е решение кое е видено и претходно, и сеуште одлично изгледа. Од друга страна задните светла се изведени (и перфектно споени) од различни материјали и „дифузни“ форми кои тешко може да се дефинираат, а сепак формираат хармонична целина.

Првиот влез во внатрешноста е импресија пропратена со многу насмевки. Современо е тоа скроено, со материјали и форми кои се седум милји далеку од претходникот.

Додуша далеку е тоа и од актуелните конкуренти кои сеуште не можат да се отргнат од класиката. Многу компоненти можат да се истакнат, но пред се јас би ги потенцирал седиштата кои навистина се извонредни.

Дизел од 1.5 литри кој на тацна нуди 300 њутн метри

Примерокот кој требаше да нé запознае со новите идеи на Citroën во компактната класа, под хаубата криеше нов дизел од 1.5 литри. На прв поглед ништо спектакуларно: 130 КС и вртежен момент од 300 Nm.

При активирање се буди нежно и тивко, воопшто не наговестувајќи ги капацитетите. А ги има, и тоа, баш ги има. Најинтересно од сé, притоа ги исполнува најстрогите норми против загадувањето а троши многу повеќе од – запалка!

Просечните 3.7 литри (емисија на CO2 од 99 gr/100 km) покажуваат дека додека некој лажирал резултати по светот, некој друг вредно работел. И кога еден ден, поради стратешки причини, дизелите ќе ги снема од сцената, ќе остане фактот дека французите правеле најдобри мотори на нафта.

За прв пат во комапктната класа Citroën употребува автоматски менувач кој знае да брои до осум. Кога би имал малку побрза реакција при промена на степените, одлично би му парирал на моторот. Компензацијата ја испорачува во вид на неприметно префрлување на преносните парови на запчаници.

Progressive Hydraulic Cushions

Уште од времето на владеење на генералот Шарл де Гол, Citroën за потпирање користи хидраулични системи. Опеани се тие решенија, поготово во седаните од повисоките класи.

Во новата C4-ка наместо класични амортизери монтирани се прогресивни хидраулични перничиња. Всушност, за ситроенско упивање на сите нерамнини се користат хидраулични амортизери кои се специфика само на Citroën.

Во комбинација со големите, 18-инчни тркала (најмалите во понудата се за еден инч помали) патните нерамнини остануваат незабележливи во внатрешноста. Од друга страна, нивната прогресивна компонента ќе се погрижи за стабилно држење на правецот при сукцесивни брзи свиоци.

 

20 системи за безбедност

Современото автомобилско живеење наметнува потреба од вградување на бројни системи кои ќе се грижат за здравјето на патниците и целовитоста на лимот. Во Citroën C4 од третата генерација ги има 20 на број.

Тие ќе се погрижат за држењето на коловозната лента, ќе предупредат на опасност, ќе ги активираат сопирачките кого тоа нема да го стори возачот. Потоа ќе одржуваат брзина и растојание од возилата пред нив, ќе предупредуваат за наидување на возило кое не е покриено со ретровизорите.

Од помош ќе бидат и „хедап“ дисплејот, инфо-забавниот екран, електронската табла со инструменти, електричната рачна сопирачка, камерите за паркирање, …

За зголемување на меракот, во вид на невидливи другарчиња, грижа ќе водат посебно изолираните ветробранско стакло, потоа страничната стакла, задните тонирани стакла, темелната изолација на кабината.

Не дека не може да се пронајдат и неостатоци, еве на пример видливоста наназад е речиси никаква, а и манипулацијата со хедап дисплејот можела да биде малку попријателска. Но навистина тие се минорни во однос на одлично проектираниот пакет.

Националното жири за Избор на Автомобил на годината во Македонија, беше на иста линија со моето размислување – највредната автомобилска титула за 2021 година му ја додели токму на новиот Citroën C4.

 

Citroën C4 BlueHDi 130
мотор линиски турбо дизел, четири цилиндри, сместен напред попречно
работна зафатнина 1.499 cm3
пречник и од 75 × 84.8 mm
напојување директно, Commonrail, вбризгување на гориво, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар,
максимална силина 96 kW / 130 КС @ 3.750
максимален вртежен момент 300 Nm  @ 2.000 – 1.750 врт/мин.
пренос на силина автоматик, осум степени, погон на предна оска
потпирање Напред: Mc Pherson пружини, попречни рамења, стабилизатор                                  Назад: полукрута оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки: напред / назад самовентилирачки дискови напред, дискови назад  – ABS, EBD, ESP
должина x широчина x височина 4.360 x 1.800 x 1.525 (mm)
меѓуоскино растојание 2.670 mm
тежина 1.380 kg
максимална брзина 206  km/h
забрзување од  0 – 100 km/h 10.6  секунди
комбинирана потрошувачка 3.7  l/100km
емисија  на CO2 99  gr/km

 

 

текст: Агрон Сулејман

фото: Јулиа Егорова

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Тестови