СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Тестови

Ford Kuga: Оплеменета класика

Третата генерација на Kuga во функција е веќе три години. Ја возевме дизел верзијата од 120 КС и ниво на опрема ST – Line X.

Kuga е сместена во срцето на SUV Ц-сегментот. Третото поколение уште повеќе го потенцира тој факт.

Широката палета на мотори, погон на една или на две оски заедно со бројните можности за персонализација, се аргументи кои гарантираат пазарарен успех.

Притоа Ford користи класичен пристап при конструирањето. Што тоа точно значи најдобро знаат долгогодишните корисници на брендот.

Ако ја исклучиме опремата која е од најсовремен вид, вредностите кои ги носи класиката доминира и во возениот модел.

 

Дизел од два литра со 120 коњи

Можеби звучи малку архаично, но од современ дизел да се испумпуваат само 120 КС навистина е премалку.

И тоа со примена на решенија од типот на пиезо електрични бризгалки со 7 отвори, потоа со видно намалени механички отпори и најсовремен електронски менаџмент на сите параметри.

Прашањето, зошто така, звучи прилично логично.

Одговорот е едноставен.

Тој се содржи во фактот што максимумот на вртежниот момент од 340 Nm се постигнува при само 1.750 вртежи, и максималната силина која се испорачува при екстремно ниските 3.500 врт/мин.

Неоптеретениот мотор ветува ниска потрошувачка и исклучителна постојаност. Некому тоа му е многу поважно отколу маскимизирање на перформансите.

А кога сме веќе кај нив, забрзување од 11,6 секунди и маскимални 180 км/ч звучат прилично пристојно. Поготово ако се земе предвид вкупната тежина од 1.626 kg.

 

Возни искуства

Според добрата традиција на Ford, Kuga вози мазно, меко и тивко. Преку надалеку познатите наши шахти поминува глатко како да се изнивелирани од јапонски градежници.

Иако возениот модел имаше погон само на предната оска, несвојствено за SUV возило, свиоците ги поминува без возбудувања и со предвидливи реакции.

Долниот построј со Mc Pherson на предна и мултилинк на задна оска, покажува дека има капацитет да се носи и со посилни моторизации.

Приказна за себе е автоматскиот менувач кој брои до осум. Шестиот степен е директен додека седмиот и осмиот додатно ги спуштаат вртежите со што се постигнува економичност при автопатски крстарења.

Изборот од три начини на возење овозможува прецизно прилагодување кон условите на возење.

 

Опрема

Пакетот кој Ford го нарекува ST-Line X е раскошно димензиониран. Вградениот радарски систем овозможува детектирање на опасни ситуации и нивно избегнување со автоматско активирање на сопирачките.

Како дел од богата екипираност на безбедносните системи вклучени се уште и активен темпомат, потоа детектирање на возило во мртов агол, одржување на патната лента, комплетен сет од воздушни перници, навигација,…

На ова ниво сосема е очекувано опремата за конективност, и посебно таа за комфор да бидат во склад со високите стандарди на производителот.

Тој список е навистина долг, па затоа како најдобро место за информирање би го посочиле продажниот салон на Гранд Моторс.

 

Импресии

Класичниот пристап и традиционалните вредности секогаш одат рака под рака. Кај Kuga, освен опремата сето останато може да се опише токму со споменатите епитети.

Никој однадвор не може да види како се изведени механичките вибрации или пак акустичните изолации. Исто така не може да се забележат ниту долниот построј и амортизацијата како и уште мал милион составни делови. Уште помалку информации има за квалиетот на употребените материјали.

Но, и тоа како тие може да се почуствуваат при возењето, и уште повеќе по издржливоста на конструкцијата. Ford Kuga е еклатантен пример кој ни говори дека и тековната автомобилска револуција ќе ја надмине токму со своите традиционални вредности.

Ford Kuga ST-Line X

Мотор TDCi турбо дизел, четири цилиндри, сместен напред, попречно
работна зафатнина 1.995 cm3
пречник и од 84,0 × 90,0 mm
напојување две брегасти оски, четири вентили по цилиндар, компресија 16,5:1
максимална силина 88,3 kW / 120 КС @ 3.500
максимален вртежен момент 340 Nm  @ 1.550- 2.250 врт/мин.
пренос на силина aвтоматик, 8 степенина пренос, погон на предна оска
потпирање Напред: независно, McPherson, стабилизатор                    Назад: независно, просторна оска, стабилизатор
сопирачки: напред / назад вентилирани дискови /дискови  – ABS, EBD, ESP
должина x широчина x височина 4.614 x 1.882 x 1.666 (mm)
меѓуоскино растојание 2.710 mm
тежина 1.626 kg
максимална брзина 180 km/h
забрзување од  0 – 100 km/h 11,6  секунди
комбинирана потрошувачка 5,2  l/100km
емисија  на CO2 (WLTP) 138  gr/km

 

 

 

 

 

 

 

 

Реклама

Интересно

Повеќе од Тестови