Во плановите на Volvo, електрификацијата игра значајна улога, па сега дојде ред и на XC40. Под хаубата крие два мотора со вкупна силина од 262 КС кои ги движат предните тркала. Домашниот увозник го има во редовна понуда.
Се смета дека plug-in технологија ќе успее да го премости јазот помеѓу моторите со внатрешно согорување и електромоторите.
Батериите со голем капацитет сеуште се скапи, а помалиот капацитет кај плагин хибридите го надокнадуваат класичните мотори.
Убавината се состои во фактот што го нема стравот од празни батерии на сред некое патување. Штом снема струја, задачата ја презема моторот и се си тече во најдобар ред.
Во најголем број држави токму плагин хибридите се миленичиња на еколозите, а не помалку внимание им посветуваат и даночниците со максимум стимулација при нивната набавка. Од аспект на Volvo работата е сосема јасна. Се до моментот на потполна електрификација секој модел ќе биде понуден токму со хибридна plug-in комбинација.
XC40 T5 – соработка на 262 хибридни коњи
Комапктниот SUV на Volvo руши рекорди. Ниту еден модел на шведскиот производител не бил така топло примен од глобалната публика. Електрификацијата би требало да даде додатен импулс во тој правец.
Затоа е разбирлива грижата на конструкторите да понудат ефикасна хибридна комбинација која ќе ги задоволи загрижените екологисти, а притоа нема да се почуствува отсуството на возбуда при возење.
CMA-платформата врз која е поставен XC40 поддржува и погон на двете оски. Но кај хибридот T5 Recharge тунелот во кој инаку е сместен карданскиот пренос сега е зафатен со батерии.
Со мало намалување на бензискиот резервоар, во тунелот има место за батерии со капацитет од 10.7 kWh. Не е тоа бројка за воодушевување, но сепак доволна за возење само на струја од околу 45 километри (мерено според WLTP процедурите).
Нов, воодушевувачки бензинец од 180 КС
Концепциски гледано, и двата мотора се сместени напред, и видовме погоре, силината може да ја испорачуваат само на предната оска.
Најпрвин за електромоторот: максималната силина му изнесува 60 kW (82 КС) а вртежниот момент го дава својот придонес со 160 Nm. Во овој сегмент изненадувањата се направени во времето на Тесла така да сега сé се сведува на прецизна имплементација.
Приказна за себе е нововоразвиениот турбо бензинец. Три цилиндри со заедничка зафатнина од 1.5 литри испорачуваат 180 расни коњи. Нерамномерната работа, вибрациите и шупливиот звук, се оставени некаде во минатите времиња.
Овој мотор работи толку култивирано како што никој тоа не го очекува, притоа и троши како што не се очекува од возило кое празно тежи преку 1,8 тона. За мазниот и култивиран пренос до предните тркала се грижи нов 7-степенски автоматик со двојна спојка.
Кога сето тоа се знае, лесно може да се претпостави заедничката работа на хибридно здружени 262 коњи. А тоа кој колку ќе се заложи одредува возачот со бирање на една од понудените три опции: Hybrid, кога електрониката одредува кој од моторите ќе биде во функција; Power, во ситуации кога е потребно ангажирање на поголема моќност и Pure, кога е ангажиран само електромоторот.
Колку може со нулта емисија на штетни гасови?
Плагин хибридите најдобро се чувствуваат во урбаните средини. Тогаш работи само електромоторот, кој ако е полн, може да помине до 45 километри. Сосема доволно за дневна употреба, поготово во градови со средна големина.
Нема драматични ситуации и ако има потреба од поминување поголема километража – тогаш едноставно се вклучува бензинецот кој воедно ги полни и батериите.
Расфрлање на енергијата не е предвидено, инерцијалните сили и сопирањето се користат за генерирање на електрична енергија.
Испразнетите батерии може повторно да оживеат со едноставно приклучување на електрична мрежа, а во најлош случај, кога полнењето се одвива преку домашен приклучок, за таа операција потребни се неполни 4 часа.
Брзите полначи работата ја вршат за половина час. Електричниот склоп заедно со батериите се гарантира со 8 години или 150 илјади километри.
И како вози, се прашувате нели? Одлично, … Само што троши многу поумерено од неговите класични браќа. И да, за цена од 53.460 евра очекувано е да биде преполн со опрема, нели? Конечно, говориме за премиум бренд во кој е вградена врвна хибридна технологија.
Volvo XC40 Recharge |
|
мотор | линиски бензинец, три цилиндри, сместен напред попречно |
работна зафатнина | 1.477 cm3 |
пречник и од | 80.5 × 97.6 mm |
напојување | директно вбризгување на гориво, тубо полнач, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар, компресија 14:1 |
максимална силина | 132 kW / 180 КС @ 5.800 |
максимален вртежен момент | 265 Nm @ 3.800 – 4.800 врт/мин. |
електромотор | 60 kW / 82 KС |
врт момент на електромотор | 160 Nm |
Вкупна системска силина | 262 КС |
пренос на силина | автоматик со двојна спојка, 7-степени, погон на предна оска |
потпирање | Напред: Mc Pherson пружини, попречни рамења, стабилизатор Назад: мултилинк оска, спирални пружини, стабилизатор |
сопирачки: напред / назад | самовентилирачки дискови / дискови – ABS, EBD, ESP |
должина x широчина x височина | 4.425 x 1.873 x 1.652 (mm) |
меѓуоскино растојание | 2.702 mm |
тежина | 1.812 kg |
максимална брзина | 180 km/h (електронски лимитирана) |
забрзување од 0 – 100 km/h | 7.3 секунди |
комбинирана потрошувачка | 1,8 l/100km |
емисија на CO2 (WLTP) | 41 gr/km |
текст: Агрон Сулејман
фото: Јулиа Егорова
Интересно
-
Актуелен Миг
/ пред 4 неделиДомашна премиера на BMW X3
Четвртата генерација на BMW X3 доаѓа со целосно нов изглед, со бензиски, дизел...
Од Autoinfo.mk -
Колумни
/ пред 2 месециЕвропа ја губи трката
Кризата во автомобилската индустрија се посилно ја притиска европската економија. Состојбите воопшто не...
Од Autoinfo.mk -
EV
/ пред 2 месециZeekr Mix: врвниот семеен ван, во Кина ќе чини неполни 36.000 евра
Брендот Zeekr на Geely има полни раце работа со проширување на својата гама....
Од Autoinfo.mk