СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Што ново ќе донесе WLTP протоколот!

 

Започнувајќи од септември сите нови автомобили мора да ги исполнуваат еколошките Euro 6d Temp (Euro 6.2) норми и тоа мерено според новиот WLTP протокол.

WLTP (Worldwide harmonised Light vehicle Test Procedure) протоколот е донесен во септември 2017 година. Со него се заменува досегашниот начин на мерење на потрошувачката кој се одвиваше според NEDC (New European Driving Cycle) лабораториските процедури. Со тоа би требало значајно да се намали разликата помеѓу фабрички декларираната и потрошувачката во реални услови.

Развојот на новите технологии, помеѓу кои сé поприсутни се хибридните и чисто електричните возила, додатно им дава право на поборниците за новиот начин на мерење на потрошувачката, а директно поврзано со тоа и емисијата на штетни гасови.

Техничко технолошката идила за постигнување поскромна потрошувачка запира во истиот момент кога преку своите регулаторни тела на сцена стапува политиката. А таа е неумолива: повиска потрошувачка (поголема емисија на штетни материи) автоматски ќе значи и повисоки давачки.

 

Euro 6d temp нормите стапуваат на сила во септември

Кога WLTP процедурите ќе се стават во контекст на настапувачките Euro 6d Temp (Euro 6.2) нормите, целата приказна се комплетира. Компликациите остануваат за техничките развојни екипи!

Ова „Temp“ во ознаката јасно дава до знаење дека нормите ќе важат само привремено, односно до 2021 година кога просечната потрошувачка на целата гама на возила на еден производител не смее да надмине количина на CO2 од 95 gr/km.

Тоа во пракса би значело дека дизелските мотори треба во просек максимално да трошат 3.7 додека бензинските варијанти 4.0 литри на 100 километри. Да, секако со мерења изведени според WLTP протоколот!

За да го издржат овој двоен напад, производителите треба да вложат многу напори. И многу пари! Цехот на крајот секако ќе го платат сите купувачи на нови возила. Дали некој е изненаден што во меѓувреме секој ново пристигнат модел за дваесетина проценти е поскап од својот претходник.

 

Разлика помеѓу NEDC и WLTP

Гледано од технички аспект WLTP процедурите даваат далеку пореални резултати отколку стариот начин на мерење. Јасно, и при двата начина се употребуваат лабораториски услови.

Додека со NEDC процедурите се изведуваше еден мерен циклус во должина од 11 km со просечна брзина од 34 км/ч, со WLTP се изведуваат четири динамични циклуси во должина од 23 km со просечна брзина од 46.5 км/ч.

Уште две разлики во начинот на мерење се суштествени. Досегашниот начин на мерење вкупно траеше 30 минути со симулирање на максимална брзина од 120 км/ч, додека новиот начин трае 30 минути а максималната брзина изнесува 131 км/ч.

Сето кажано недвосмислено укажува на фактот дека со WLTP процедурите се постигнуваат многу пореални резултати. Згора на тоа предвидени се строги протоколи и за мерење на хибридите како и за чисто електричните возила.

 

Зошто волку галама?

NEDC протоколот го започнува својот историјат во доцните 80-ти. Интензивниот технолошки развојот драматично ги промени автомобилите па мерните процедури воопшто не ја изразуваа реалноста за брзината со која се празнат резервоарите за гориво.

Од друга страна усвојувањето на новите еколошки стандарди се базираше токму на податоците добиени со овој протокол. Сето тоа резултираше со нереални бројки кои се објавуваа во техничките карактеристики. Со така добиените бројки, потрошувачите ја изгубија довербата, а даночниците останаа покуси во прибирањето такси.

На крајот еве се свестија, производителите ќе си го наплатат својот труд, цехот ќе го платат купувачите, а даночниците ќе соберат повеќе пари. А каде е екологијата во оваа приказна?

Таа тука служи само како перфектен изговор. Ионака секоја подлабока анализа за деградација на природата дава сомнителни резултати. Важно европските даночници ќе си ја постигнат целта – просто и едноставно до повеќе пари!

 

 

 

 

 

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг