На тркачката патека во Серес (Грција) го возевме Twingo подготвен за натпревари во посебно организираниот “Twingo Куп“ кој ќе се вози од осум македонски тркачи на 4 (или пет) кружни и 4 ридско-брзински натпревари.
Осум идентични модели Renault Twingo, обоени во пастелни, тркачки бои, подготвени за демонстрирање на можностите, не пречекаа на тркачката патека „Серес“ во соседна Грција.
Подготвени од словенските експерти од фирмата „Лема“, тие воопшто не изгледаат наивно. Напротив. Сите елементи кои ги красат и останатите тркачи се присутни и во натпреварувачкиот Twingo.
Имаат вградено заштитен ролбар, пневматиците им се полу-слик, фаровите отстранети, на предниот дел и на врвот на задниот капак (изработен од плексиглас) вграден е спојлер, а од издувот испуштаат изненадувачки остар звук.
Тој доаѓа од целосно променетата издувна гранка која обезбедува околу 8 додатни коњи. Тоа и не е можеби многу, но за возило од сериски 70 КС, и не е така лош резултат.
Велиме сериски, затоа што останатите компоненти се сериски, што значи дека атмосферскиот мотор има три цилиндри распоредени во линија, а менувачот има пет степени на пренос.
Кога вака ќе се погледнат бројките, скептицизмот околу капацитетите е оправдано присутен. Но почекајте малку. Отежнатиот влез, што поради димензиите а што поради вградениот ролбар, и сместувањето во тркачкото седиште даваат до знаење дека сепак станува збор за сериозно тркачко возилце.
Тој впечаток додатно се појачува со целосно соголената внатрешност, потоа со соочувањето со педалите (сопирачките немаат серво помагало), управувачот и рачката на менувачот. Вака подготвеното возило тежи само 870 килограми.
И да не заборавиме, моторот на Twingo се наоѓа во задниот дел а и погонот е на задната оска! Ова веќе почнува да добива на сериозност.
Покренувањето на моторот и запознавањето со возилото и патеката течат природно, така што по извозени неколку кругови веќе добиваме впечаток дека се знаеме од поодамна.
На ред е барање на границите. Да не се залажуваме, овој пакет во практика делува многу позабавно отколку што тоа го навестуваат бројките. Патеката претежно се поминува во трет и четврт пренос – во правците се постигнуваат над 150 км/ч.
Во свиоците пак, доволно е да се отпушти папучата за гас, па оваа тркачко Twingo да се постави во вистинска позиција за брзо поминување, без притоа да се нагазат острите ивици на патеката. Чувството за целосна контрола над возилото се постигнува веќе по извозени неколку круга.
Ја завршуваме оваа етапа од запознавањето со Renault Twingo. Високиот адреналин е доволен показател за дематирање на првичниот скептицизам. Времето од под две минути кое го постигнав е за 15 секунди послабо од најдобрите резултати тој ден. Добро, тоа и не е за фалење но е одлична најава за очекување на возбудливи трки.
Во првата година од Twingo купот ќе се натпреваруваат осум возачи со идентични возила. Никакви додатни интервенции на нив не е дозволена а поради целосна контрола, сите осум натпреварувачки „болидчиња“ ќе бидат сместени во просториите на „Аутомотив Груп“.
За да се задржи високото ниво на мотивација на натпреварувачите, организаторот предвидува награда за најрбзиот возач – електричен Zoe, во вредност од cca 32 илјади евра.
Иницијативата на домашниот увозник за брендовите Renault, Nissan, Dacia заслужува поздрав.
Поточно голема поддршка од целата автомобилска јавност за организирање на куп натпревари достапни за поширок круг на млади и амбициозни тркачи. Одличен пример кој би требало да биде следен и од останатите импортери.