На свеченост што се одржа во хотелот „Александар Палс“ во Скопје вчеравечер беа доделни наградите од изборот на „Автомобил на годината во Македонија за 2019“.
Националното стручно жири годинава по 24. пат на свечен начин ги додели наградите од годинешниот избор.
Покрај наградата „Автомобил на годината во Македонија“ доделени беа и признанијата за „СУВ на годината“ ипризнанието „Томислав Биљарац“ кое се доделува за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија.
По анализатa на сите својства на возилата кои беа избрани како финалисти и по практичното запознавање со возните карактеристики, членовите на Националното жири за Избор на Автомобил на годината во Македонија, титулата ја додели на моделот Ford Focus.
“Според мислењето на Националното стручно жири, возните својства, современата палета на Euro 6d Temp мотори, високото ниво на основна опрема и одличната изработка, беа областите во кои Ford Focus беше оценет со највисоки оценки освојувајќи така вкупно 69 поени.
Тоа беше доволно да ја освои престижната титула пред останатите финалисти, изјави Горан Антевски, претседателот на Националното Жири за Избор на автомобил на годината во Македонија.
Од моделите пристигнати на македонскиот пазар помеѓу двата избора, Националното жири за избор на „Автомобил на годината во Македонија“ избра пет финалисти кои рамноправно конкурираа за престижната награда.
Согласно Правилникот за работа и критериумите на изборот, беа одредени пет (5) финалисти кои годинава рамноправно конкурираа за престижната титула „Автомобил на годината во Македонија за 2019“.
Листата на финалисти ја сочинуваа:
- Kia Ceed
- Citroen C5 Aircross
- Opel Grandland X
- Ford Focus
- Volvo XC40
Признанието „СУВ на годината“ му припадна на моделот Citroen C5 Aircross.
Националното Жири за Избор на автомобил на годината во Македонија годинава по вторпат го додели и признанието „Томислав Биљарац“.
Тоа се доделува во чест на доајенот на македонското автомобилско новинарство, основач и прв претседател на Националното жири за Избор за автомобил на годината во Македонија.
Наградата се доделува за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија .
Одлуката на Националното Жири за избор на автомобил на годината во Македонија е признанието „Томислав Биљарац“ за 2019 година да му биде доделена на Стерули Бураку.