СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Повторно прегазија пешак

 

За неполна недела на скопските булевари се случија две сообраќајни несреќи во кои загинаа две лица а едно е тешко повредено.

Трагедија по трагедија, човечки жртви на скопските булевари. Гинат пешаци. Општеството реагира импулсивно, а всушност само ги сносиме последиците. Состојбите во сообраќајот ни се очајни. Никој тоа не го посакува, но сепак малку преземаме за навистина нешто да се поправи.

Полицијата презема засилени акциски контроли, но нивната физичка присутност и санкционирањето се само еден сегмент од сообраќајното живеење.

Трагичните незгоди, на најсуров можен начин тоа ни го потврдуваат. Можеби се работи само за случајност, но неделниве жртвите припаѓаат на најранливата категорија – беа пешаци.

 

Сите ние сме пешаци

А во секојдневието сите во одреден момент сме пешаци. Се испоставува дека сите ние сме животно загрозени пешаци.

При такви околности целиот бес е насочен кон возачите. А всушност и тие самите се загрозени при првиот чекор откако ќе го напуштат возилото. Далеку сме од тврдењето дека кога сме во улога на возачи се однесуваме цивилизирано, … или барем безоопасно.

Напротив, примитивизмот манифестиран преку правото на посилниот може да се забележи на секој чекор. Кога е веќе така, а во улога на најзагрозена група, и пешаците треба да сметаат со таквото однесување. Не секогаш истерувањето на сопстеното предимство завршува со среќен крај.

Ифраструктура според терк од минатиот век

Безбедноста зависи од повеќе фактори – сообраќајната инфраструктура е една од најважните. Нашите решенија се едноставно застарени и воопшто не го пратат развојот на сообраќајните трендови. Со минорни исклучоци, целиот сообраќај низ главниот град се одвива на исто ниво, со безброј вкрстувања.

Надвозници, подвозници, мостови, пешачки мостови, одделни патеки за посебни категории, и т.н. речиси и да нема. Тоа што го има се стари и нови автоцентрични сообраќајници. Булевари со по две или три широки ленти.

И сега доаѓаме до несреќната комбинација: пешачки премини преку (пре)широки булевари. Решение кое е одамна отфрлено во светот токму поради нивната небезбедност.

Зар треба некој сообраќаен инженер да убедуваме дека постара личност додека ги премине сите четири (или шест) ленти на зелен семафор, тој најчесто го започнува новиот циклус и ги пропушта возилата.

Со тоа патот до ужасот е широко отворен! Сурово ќе биде да даваме примери. Едноставно така не може.

Надалеку позната недисциплина

Кога на недоречената инфраструктура ќе се додаде и традиционалната недисциплина на пешаците доаѓаме до трагедии во кои ни преостанува само да пребројуваме жртви. Лесно е да се констатираат состојбите, но што може да се направи за спречување на трагедиите кои демнат зад секој агол?

Многу може да се направи. Најпрвин секој нека тргне од сопственото однесување и сериозно нека размисли за своите постапки.

Секако не можеме да се потпреме само на (авто)дисциплината, тука стоиме прилично лошо. Но затоа на факторот инфраструктура може сериозно да се посветиме. Таму се потребни драматични промени, напуштајќи ги така решенијата кои припаѓаат на некое одамна минато време.

Во триаголникот човеквозилоинфраструктура ни преостанува многу работа и во делот, возила. Застарениот возен парк (во просек, околу 20 години) воопшто не оди во прилог на техничката исправност на автомобилите. Пример: од лоши сопирачки, се гине.

Мора веќе еднаш, како држава, да сфатиме дека автомобилите не се социјална категорија. На страна избори, ветувања, оствартувања. Вистинското име на овие појави е загадување, небезбедност, загрозување на животи.

Целиот овој сплет од интереси треба законски да го уоквират институциите. Контролата, регулирањето и евентуалното санкционирање е основна работа на сообраќајната полиција. Секое пореметување на овој синџир се плаќа скапо, со животот на недолжни граѓани.

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг