СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Видео

Ситна проверка која може да спречи крупни трошоци [видео]

 

Купувањето половен автомобил со непозната историја е мачка во вреќа – ниту вие знаете што купувате, ниту пак најчесто (пре)продавачот знае што продава.

Затоа и во голем број случаи пресудно за одлуката да се купи токму тој автомобил се базира на неговиот изглед, но како што добро знаеме очите и тоа како знаат да излажат.

За да не биде така потребен е мал ангажман на науката и специјализираните алати, конкретно оние што ја мерат дебелината на лакот на автомобилот.

Кај новите возила лакот треба да биде дебел од 80 до 180 µm (микро метри) и ако со контролата на повеќе места се утврди дека не е така, колку и да изгледа убаво, тоа значи дека со автомобилот нешто не е во ред.

Имено, за да се санира штетата при секој судар, при пеглањето на лимаријата претходно се нанесува кит кој ја зголемува дебелината на лакот.

Затоа и секое отстапување од фабричките норми значи дека со автомобилот се има случено нешто, можеби ситно, ама можеби и нешто сериозно.

Тоа треба да биде доволен сигнал тој автомобил да не се купува, иако само по себе оштетениот лим и неговата добра санација не значи и сериозен недостаток.

Проблемот е што тогаш се знае дека автомобилот преживеал несреќа, но не се знае колкава – дали настрадал само лимот или можеби и механиката.

Познати се и случаи кога при поправката на автомобил кој поминал банална сообраќајна несреќа, воздушните перници кои се отвориле не биле заменети со нови.

Затоа исклучително е важно пред купувањето автомобил со непозната историја тој темелно да се провери, а овој начин на проверка може да покаже доста за него.

Измерете ги прво вратите и крилата бидејќи тие најчесто страдаат, а после тоа и покривот кој ако е со поголема дебелина на лакот значи дека возилото има преживеано посериозна несреќа.

Ако на повеќе места се покаже еднаква дебелина на лакот, без разлика колку е таа, тогаш веројатно се работи за фабричката боја, но ако не е така…

За ова е потребен специјален мерач на дебелината на лакот кој работи на принцип на магнетна индукција и може да се купи за помалку од 50 евра.

Друго прашање е каде може да се најде, заради што попаметно е ваквата проверка да се препушти на стручно лице – сигурно ќе чини помалку отколку санирањето еден ден ако купите оштетен автомобил.

Ако сепак се одлучите сами да го правите тоа, треба да знаете дека сé над 150 µm е дискутабилно, а ако пак лакот на некои места е дебел 200 или 300 µm, нема сомнеж дека автомобилот настрадал.

Во тој случај не прифаќајте намалување на цената туку веднаш откажете се од купувањето, бидејќи никој не може да знае што сé друго автомобилот (или продавачот) крие.

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Видео