СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

До каде сме со возачката култура?

 

Често диксутирана тема која без исклучок завршува со констатацијата дека воопшто не можеме да се пофалиме со некое задоволувачко ниво на возачка култура.

Без многу заобиколувања – возачката култура во нашета земја е на многу ниско ниво. Можеби овој заклучок со кој се дефинира општото однесување на учесниците во сообраќајот, некому ќе му изгледа прегруб. Сепак, не ќе да е.

Склони сме да веруваме дека описот е многу близу до реалната состојба. Сите што нема да се сложат со нашето мислење, доволно ќе биде да се „прошетаат“ малку и да обрнат внимание како на своето така и на однесувањето на останатите учесници.

Во овој напис немаме намера да навлегуваме во причините, како и во психолошкиот профил на нашите учесници во сообраќајот, туку само ќе се осврнеме на разгледување на општото однесување, од кое нели, сите заедно (апсурдна состојба) воопшто не сме задоволни.

Иако поимот „сообраќајна култура“ е поприлично широк и го опфаќа однесувањето на сите учесниците во сообраќајот, во кое се опфатени од општата култура, преку обученоста, познавањето на законите и прописите, па сé до хуманото однесување, сепак …

Почитувањето на законската регулатива и пропишаните правила и прописи се еден од главните фактори кои ја детерминираат сообраќајната безбедност, а со самото тоа и го одредуваат општото ниво на соорбаќајната култура.

И токму на оваа позициција, речиси без исклучок, сите се сопнуваме, па дури и паѓаме директно на нос.

Во суштина прекршувањето на прописите, како општо прифатено однесување на Балканите (ние не сме исклучок, туку еклатантен пример), претставува омилено хоби.

Но луѓе драги, кај нас таа појава има епидемиски размери. Споредбата со останатиот дел од континентот завршува со многу лош резултат по нас.

Реално: ако никој нé не гледа подготвени сме да поминеме и на црвено светло, преку две полни линии, да возиме со двапати поголема брзина од дозволената, … Спектарот на шверцување продолжува преку возење со некоја чашка повеќе, потоа немање адекватна дозвола, додека возење на нерегистрирано возило дури и не се смета за сериозен прекршок.

Во такви околности „ситници“ од видот на недавање предимство, претекнување од десна страна, или пак, неактивирање на трепкач, навистина никого посебно не возбудува.

Да, јасно, сигурни сме дека ќе имате уште мал милион примери на навики кои воопшто не се безопасни.

И ќе се сложиме, сите ние – кој помалку кој повеќе – за да „преживееме“ во тие услови, свесно или не, го прифаќаме таквото однесување. А тоа воопшто не е добро за сообраќајното здравје на нацијата.

Дали после овие констатации останува било каква дилема за нивото на нашата сообраќајна култура. За жал, не!

Поправањето на сегашната ситуација воопшто не е лесна задача. Напротив, тоа бара од целото општество ангажман кој треба да започне со децата од најраната возраст.

За вразумување на возрасните најефикасан начин е примена на репресивни мерки, односно интензивна контрола и неселективна казнена политика. Отварање теми за некои пософистицирани мерки воопшто не делува адекватно за актуелните состојби.

Дали некој сеуште има дилеми околу одговорот на прашањето за нивото на нашата сообраќајна култура? Секако не, а што е многу пострашно, токму сообраќајната култура директно влијае врз нашата општа перцепција за безбедност во сообраќајот.

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг