Во општата трка по понуда на SUV возила од „Б“-сегментот, Hyundai ја позиционира Kona на самиот врв. Храбриот дизајн, турбо бензискиот мотор од 177 КС, интегралниот погон, како и мноштвото безбедносна и конективна опрема, се доволна потпора на корејскиот оптимизам.
Сосема неформално, главната разлика при категоризацијата на Кросовер и SUV возилата се однесува на погонот. Ако возилото е изградено врз платформа која поддржува погон на сите тркала, дилеми нема – станува збор за вистински SUV.
Ако го уважиме тој критериум тогаш Hyundai Kona, и покрај димензиите карактеристични за градски возила, сепак од глава до петици припаѓа на автомобили кои имаат капацитет и за вонасфалтни авантури.
Поготово тоа важи за моделот што го возевме кој беше опремен со турбо бензинец од 177 КС, автоматски менувач со двојна спојка и седум степени на пренос, и се разбира, интегрален 4 x 4 погон.
Згора на тоа, STYLE нивото на опременост (второ од трите понудени пакети) вклучува дузина опции кои ќе знаат да ги разгалат помладите клиенти.
Всушност, со претставувањето на Kona – на чија светска промоција во Кореја учествуваше и нашата редакција – Hyundai отворено цели кон повисокото друштво.
На нашиот пазар Kona се нуди со три разни мотори, три нивоа на опрема, два менувачи како и со можност за пренос само на предната или на двете оски. Персонализацијата не урбаниот SUV не завршува тука.
Комбинацијата на основните бои со боите на кровот, како и боите и декорациите на внатрешноста, даваат многубројни можности за персонаилзација, сé според личниот вкус и афинитети.
Доволно докази за темелниот пристап на стратезите на Hyundai. Да секако, и директен влез во елитното SUV друштво.
Голема бомба во мало пакување
Уште при првата средба во Кореја бевме прилично изненадени од стилот. Ништо заедничко со поголемиот Tucson, ниту пак со некој друг модел од гамата на Hyundai.
Агресивен преден дел, мускулесто тело и ефектен завршеток кој ја заокружува складната фигура. Всушност, обликот на одличен начин ја најавува содржината. А таа е навистина (пре)богата.
Опремата нема посебно да ја опишуваме, но естетските финеси во облик на украсни лајсни во боја кои се дискретно вметнати дури и на седиштата, па потоа сигурносни ремени во боја на каросеријата, па одлична организираност на просторот, ергономијата, …
Хармонична механика
Како изгледа во пракса комбинацијата на 177 турбо бензиски коњи и 7-степенски DSG менувач? Многу, многу убедливо! Забрзувањето е стреловито, максималната брзина ја надминува втората стотка, а системите за асистенција великодушно ќе им помогнат и на преценетите почетници.
Предниот McPherson во комбинација со задната мултилинк оска – варијантите со преден погон иматат полукрута задна оска – го подигнуваат нивото на возливост до рамниште на спортски возила.
Посебно внимание заслужува DCT менувачот кој е доволно брз за поддршка на динамично возење но и со преносни односи кои ќе овозможат парадно крстарење.
Во менување на карактерот на Kona голем придонес дава и селекторот на начинот на возење кој во зависност од избраниот мод се однесува токму според очекувањата на возачот. Ако судиме спрема визуелниот впечаток, сепак на Kona највеќе би и прилегал спортскиот мод на возење.
И кога сме веќе кај возењето, капацитетот на интрегралниот погон е појачан и со електронски затварач на диференцијалот кој преносниот однос го намалува на половина. Тој момент ќе помогне во совладување и на посложените патни услови.
Kona е дистрикт на Хаваите, од друга страна, Kona е SUV на Hyundai од Б-сегментот. Што е заедничко за двете? Припадноста кон егзотиката и високиот стил можеби, но високата технологија и експлицитниот карактер на член на елитното друштво, сепак се својствени само на возилото.
Возениот модел, според редовниот ценовник, чини 25.945 евра. Многу, малку или таман? Секој си ја знае својата рачуница, но при давање на конечниот суд мора да се земат предвид сите погоре искажани квалификации!
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ
мотор ………………………… GDi, 4 цилиндри, турбо, 16 вентили, 1.591 ccm, Euro 6
макс. силина ………………… 130 kW / 177 КС @ 5.500 (врт/мин)
макс. вртежен момент …….. 264 Nm @ 1.500 – 4.500 (врт/мин)
димензии …………………….. 4.165 x 1.801 x 1.565 (mm)
макс. брзина ………………… 205 км/ч
забрзување 0-100 km/h …… 7.9 сек.
тежина на празно возило ….. 1.477 – 1.517 kg
комбинирана потрошувачка .. 7.3 л/100 км. (CO2 – 169 g/km)