Создаден врз корпорациската платформа заедничка за „2008“, „C3 Aircross“ и „Crossland“, Citroen C4 Cactus успева да се наметне со оригиналност и посебен карактер.
Колку еден нов модел може да биде оригинален и да се издвојува од напливот на слични по големина и по технологија конкуренти? Одговорот на поставеното прашање воопшто не е едноставен.
Автомобилската глобализација често знае да ни понуди идентична технологија во различно пакување, но исто така имаме и случаи каде што навидум слични модели нудат различни карактери.
Бездруго, Citroen C4 Cactus припаѓа на втората група. Иако со идентична платформа како и корпорациските модели на Peugeot и Opel како и од домашниот C3 Aircross, сепак новиот француски претставник е вистински Citroen, накитен со сите брендовски нишани.
За да нема забуни со ознаките, споредбите се однесуваат на C3 Aircross кој според својот карактер претставува урбан кросовер, и C4 Cactus кој во суштина е само малку поподигнат хечбек. Виситинскиот кросовер, Citroen C4 Aircross кој набргу се очекува, ќе биде пандан на корпорацискиот Peugeot 3008.
Прогресивни хидраулични перничиња
Каде на друго место да се очекува оригиналност од еден Citroen ако не во системот на амортизација. Кај C4 Cactus таа доаѓа во вид на посебни хидраулични амортизери кои комерцијално се наречени, Progressive Hydraulic Cushions.
Уникатните амортизери не се дел од досега познатите хидраулични системи кои французите ги употребуваат преку половина век туку претставува посебен вид на амортизери кај кои посебните хидраулични граничници ги елиминираат директните удари.
Сето тоа убаво звучи, но што е уште позначајно, одлично функционира. Без разлика на подлогота по која се вози најголемиот дел од вибрациите остануваат во внатрешноста на амортизерот, создавајќи така чувство на лебдење.
Овие хидраулични перничиња посебно доаѓаат до израз при ударни дупки кои сега се поминуваат мирно и без панична реакција на каросеријата. Секако и без вознемирување на возачот, кој продолжува да вози со чувство на потполна контрола на ситуацијата.
Под хаубата на Citroen C4 Cactus се вгнездуваат еден дизел (100 КС) и три варијанти на наградуваните трицилиндрични мотори со волумен од 1.2 литра. Во нашиот случај тоа беше бензиската турбо изведба со 110 КС.
Динамичното возење – забрзување од 10.9 секунди и максимум од 188 км/ч – се постигнува без поголеми напори при што шестстепенската автоматска трансмисија ве ослободува од грижата постојано да гледате во индикаторот за промена на степените на пренос. Ако се бара најдобрата особина на овој Cactus тоа веројатно се динамичките својства и извонрдно изолираната кабина.
Седишта од комбинација на сунѓерести материи
Вкупно 12 нови безбедносни системи бдеат над сигурната на патниците, но и на останатите возила и пешаците, а на нив им се придружуваат и 3 системи на конективност. Гледајќи ги овие можности станува јасно колкав е бенефитот од стратешкото здружување на PSA со Opel.
Според желба на корисникот, со Citroen C4 Cactus може да се добие од систем за автономно сопирање па се до автоматско паркирање. За пристојно однесување на возачот се грижат системите за предупредување од напуштање на коловозна лента, покривање на мртвиот агол, предупредување од замор, сугестија за одмор на воачот, … и се така до конективност и тоа без разлика на типот на користениот смартфон.
Вистинското лице на Citroen сепак најочигледно е во уредувањето на ентериерот. Пред возачот се два екрани од кои тој пред него е минималистички – ги содржи само информациите за брзината и мерачот на количина на гориво. Удобните седишта сами по себе претставуваат предуслов за пријатен престој во кабината.
Посебно ако се комотно дизајнирани, а згора на се ако тие се изработени по посебна технологија како што е случај во новиот C4 Cactus. Комбинацијата на компресиран сунѓер како јадро и тврд сунѓер како завршен слој, делува изненадувачки удобно. Оригиналната организација на внатрешниот простор освен естетската има и конкретна, практична употребливост.
Како ви звучат 19.110 евра за оригинално возило со должина од 416 цм, опремено со средното ниво на опрема (плус автоматски менувач, плус посебно избрани бои) и економични 110 турбо бензиски коњи? Искрено мене ми се малку многу, чисто поради фактот што за истиот износ пари на пазарот се нудат бројни модели!
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ
мотор ………………………… Бензиски со 3 цилиндри, 1.199 ccm, турбо, 12 вентили, Euro 6
макс. силина ………………… 81 kW / 110 КС @ 5.500 (врт/мин)
макс. вртежен момент …….. 205 Nm @ 1.500 (врт/мин)
димензии …………………….. 4.157 x 1.710 x 1.480 (mm)
макс. брзина ………………… 188 км/ч
забрзување 0-100 km/h …… 10.9 сек.
тежина на празно возило ….. 965 kg
комбинирана потрошувачка .. 5.3 л/100 км. (CO2 – 113 g/km)