Peugeot 2008: Кросовер со SUV карактер
19/06/2019

Peugeot 2008: Кросовер со SUV карактер

 

Peugeot целосно го редефинира новиот 2008 – сега тој настапува со зголемени димензии, нови мотори и осовременета естетика.

Никој досега се нема жалено на застарен облик на градскиот кросовер на Peugeot. Напротив тој и сега изгледа свежо и оригинално, а уште поинтересно е што и добро се продава.

Но, французите од PSA очигледно имаат додатни адути во рака. И спремни се да ги материјализираат. Целосно новиот Peugeot 2008 е одличен доказ за тоа.

Изграден врз нова платформа со меѓуоскино растојание од 260 cm, во должина сега брои полни 430 cm.

Според димензиите Peugeot 2008 веќе ја надминува „Б“ класата на SUV возила. Првите впечатоци говорат за промена на карактерот кој сега е многу поблизок до SUV претставниците отколку до кросоверите.

За стекнување на тој впечаток заслужна е поголемата височина како и (опциските) бандажи од 18 цола.

Нови се и моторите: бензинците испорачуваат 100, 130 односно 156 КС додека дизелите ставаат на располагање 100 или 130 КС. За посилните верзии достапен е автоматизиран менувач со 8 степени додека останатите сериски се испорачуваат со мануелен менувач со 6 степени.

Апсолутна новост е чисто електричната верзија која воопшто не се разликува од изведбите со класични мотори. Дури и багажникот од 434 литри е идентичен без разлика на типот на погон.

Со нулто загадување на воздухот Peugeot 2008 ќе може да помине до 310 км, и тоа мерено според новите WLTP процедури.

Тоа го овозможува сетот на литиум-јонски батерии со капацитет од 50 kWh. Вградениот електромотор испорачува максимални 100 kW (136 КС) што е доволна гаранција за и повеќе од пристојни перформанси.

Во случај на домашни полначи, батериите повторно оживуваат за 5 (7.4 kW) односно 8 (11 kW) часа додека приклучени на брзи полначи, во само половина час се полнат до 80% од капацитетот.

Карактеристичниот изглед сега е надополнет со дневни светла во облик на „сабја“, детаљ кој наиде на одличен прием кај моделот 508. Внатрешноста останува препознатливо оригинална со тоа што производителот гарантира повисоко ниво на вградените материјали. Безбедносната опрема е на нивото на повисоките класи, а конективноста комплетирана за сите популарни оперативни системи.

Новиот Peugeot 2008 ќе се произведува во шпанските погони, во Виго, а на пазарот се очекува при крајот на годината.

 

 

 

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
AutoInfo на Facebook
Ви се допаѓа AutoInfo?