СЛЕДЕТЕ НЀ

Тестови

Toyota Yaris Hybrid e-CVT: Убавината на малата потрошувачка

 

Популарната урбана Toyota во целост го заслужува епитетот „нова“. На некулкудневно дружење ја имавме хибридната верзија на Yaris од која очекувавме со ниска потрошувачка да ја оправда повисоката цена.

Toyota сака, а и најдобро знае, да прави хибриди. Од 1997 година сериски се произведува Prius за да сега на сцена настапува четвртата хибридна генерација. Своја премиера минатата есен имаше и четвртото издание на популарниот градски крстосувач, Yaris.

Еколошките стандарди сé посилно притискаат за намалување на емисијата на CO2 па основната логика наметна решение да двете „четворки“ се соединат на едно место созадавајќи го Yaris Hybrid.

Вградувањето на релативно компикуваниот (и тежок) хибриден погон во возило со должина под 4 метри, Тојота го прави во висок стил. Конструкторскиот ангажман оди преку целосно нова, GA-B (Global Architecture за Б-сегмент) платфрома, па преку нов трицилиндерски бензинец од 1,5 литри, се до темелно преработениот e-CVT менувач.

Сето тоа е пропратено со нова електрична поставка на хибридниот погон, а контролната електроника задолжена за прецизно менаџирање на енергетските ресурси работи под диктатот на многујадрени плочи.

Во однос на димензиите, новиот Yaris останува со должина под четири метра, во височина има изгубено 40 mm, додека широчината и меѓусокиното растојание профитираат со значајни 50 mm. Новите пропорции резултираат со јасна динстикција во однос на популарните претходници.

Safety Sense – безбедност за сите

Кај возилата од Б-сегментот, популарно наречена „4 метри“, од исклучителна важност е нивото на вгардените безбедносни системи. Резервирајќи за новиот Yaris посебен пакет – Safety Sense – Toyota прави вистински исчекор кон повисоко безбедносно ниво, поставувајќи нови стандарди во класата.

Секој корисник на суб-компактот, започнувајќи уште од основното ниво, ќе може да ги користи благодетите на цел сет воздушни перници помеѓу кои премиера доживува воздушната перница поставена помеѓу возачот и сопатникот до него.

Вградениот радар обезбедува детектирање на опасност при што се автоматски се активираат и сопирачките. За секој случај тука е и камерата за препознавање сообраќајни знаци како и функциите за одржување на коловозна лента, адаптивен темпомат, …

Очекувањата на помладите корисници за континуирана конективност во целост се исполнети. На средишниот 8 инчен екран сите функции ќе бидат лесно пронајдени и брзо реализирани.

Електромотор од 80 КС

За Yaris Hybrid посебно е развиен целосно нов бензиски мотор. Првичните бројки – три цилиндри, 1,5 литри – можат погрешно да наведат на идентичност со пропулзијата која ја користи BMW. Не, и покрај технолошката соработка која ја остваруваат двата бренда, моторот на Toyota е во целост дело на домашните инженери.

Со степен на компресија од 14:1 тој е поставен точно помеѓу бензиските и дизел агрегатите. Скромната максимална силина од 92 КС ја остварува при 5.500 вртежи, притоа користејќи ги бенефитите на директното вбризгување и прилагодливата работа на вентилите, со истовремено одрекнување од помошта на турбо полнач.

Синергијата се оставрува со електромотор кој сега помага со максимални 80 КС. Сетот батерии му овозможува (краткотрајно) возење само на струја до брзина од 130 км/ч. Со овие капацитети јасно се дава до знаење кој од партнерскиот пар во иднина ќе добие приоритет. Овој хибриден склоп силно мириса на сина боја.

Пренесувањето на системската силина од 116 КС на предните тркала се остварува преку безстепенска e-CVT трансмисија. Континуираното забрзување, без каракатеристичните „скокови“ при промена на степените е пријатно за патувањето и одлично за забавеното празнење на резервоарот.

Возни искуства

Отсекогаш било забавно да се следи на екранот преточувањето на енергергиите од механичка во електрична и обратно. Бензискиот и електричниот мотор се помагаат континуирано, а заедничката цел е минимизирање на загубите. Колку троши овој хибрид? – е очекувано прашање.

Одговорот воопшто не е едноставен. Се зависи од условите, позната вистина е дека хибридните погони најдобро се снаоѓаат кога функционираат во тешки,  урбани услови.

Тоа им е посакуваната средина. Но, со вградување на посилен електромотор и покапацитетни батерии, хибридниот Yaris покажува дека е подготвен економично да вози и на отворен пат.

Најголемата потрошувачка при нашето дружење изнесуваше 5,1 литар а беше остварена на релација Скопје – Охрид и назад.

При движењето низ град, повторувам, во зависност од условите, трошев помеѓу 3,8 и 4,8 литри на сто. Убави се тоа оставрувања поготово ако се знае дека при нашите пробни возења воопшто не се штеди, туку напротив, се вклучуваат речиси сите потрошувачи.

Инаку, новиот Yaris вози прилично мазно, со многу малку навалување при серија промени на правецот. Во рамки на класата се и просторната понуда, големината на багажниот простор, бучавоста, прегледноста.

Целиот проект, Yaris прави силен дисконтинуитет во однос на претходните три генерации. Новиот е нешто сосема друго, започнувајчи од механиката, преку хибридната технологија и завршувајќи со високото ниво на безбедност.

Сето тоа има и своја цена, во случајов говориме за сума која започнува од 13.490, а за возениот Yaris Hybrid e-CVT домашниот увозник, Toyota Авто Центар побарува 19.790 евра.

 

Toyota Yaris Hybrid e-CVT

мотор линиски бензинец, три цилиндри, сместен напред попречно
работна зафатнина 1.490 cm3
пречник и од 80.5 × 97.6 mm
напојување директно вбризгување на гориво, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар, компресија 14:1
максимална силина 67 kW / 92 КС @ 5.500
максимален вртежен момент 120 Nm  @ 3.800 – 4.800 врт/мин.
електромотор 80 KС
врт момент на електромотор 141 Nm
системска силина на хибридниот погон 116 КС
пренос на силина e-CVT, безстепенски автоматик, погон на предна оска
потпирање Напред: Mc Pherson пружини, попречни рамења, стабилизатор                    Назад: торзиона оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки: напред / назад самовентилирачки дискови / дискови  – ABS, EBD, ESP
должина x широчина x височина 3.940 x 1.745 x 1.500 (mm)
меѓуоскино растојание 2.560 mm
тежина 1.090 kg
максимална брзина 175  km/h
забрзување од  0 – 100 km/h 9.7  секунди
комбинирана потрошувачка 3,8 до 4,9  l/100km
емисија  на CO2 87 до 112  gr/km

 

 

 

 

 

 

 

 

 

тескт: Агрон Сулејман

фото: Јулиа Егорова

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Тестови