СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Тестови

Kia Stonic Reference 1: Референтна понуда

 

По три години проведени на пазарот, Kia го освежи својот градски кросовер со нов мотор и нови безбедносни технологии притоа минимално интервенирајќи во познатите дизајнерски решенија.

Освежениот Stonic сега добива нови ознаки на пакетите на опрема. Веднаш да забележам: тие пакети се осмислени од нашиот увозник и ќе ги најдете само на нашиот пазар – специфика со која ретко кој друг импортер може да се пофали.

Внимателните поторшувачи ќе приметат дека редизајнираниот модел е за околу илјада евра поскап од порано. Дали можеби станува збор на вешт маркетиншки маневар, или пак поскапувањето на редизјнираната верзија се заснова на реална надоградба на опремата? Судот ќе биде индивидуален, а јас ќе се обидам да ги расчистам дилемите.

Како прво, во моделската 2021 година Stonic влегува со целосно нов мотор. Иако бројките се идентични (1,2 литри /  84 КС) сепак новиот мотор е за 50 ccm помал од претходникот.

Разлики има и во напојувањето, наместо stariot мултипоинт сега вбризгувањето се врши по принципот на двојна порта (DPi). Крајниот резултат е охрабрувачки: култивирана и мирна работа, и што е најважно, за десетина проценти помала потрошувачка.

Не помалку важна е екипираноста на безбедносната опрема. Всушност токму на оваа позиција ве чекаат стратезите на Kia. Во Stonic е вграден капацитетен радар кој будно следи се што се случува пред автомобилот. Тој ќе забележи присутво на пешаци, велосипедисти и животни кои евентуално би се испречиле пред возилото, и веднаш ќе издаде наредба за автоматско активирање на сопирачките.

Неговото присуство се чувствува и при секојдневно возење кога прв ќе дознае дека ја напуштате коловозна лента (без активирање на трепкач) и ќе ве предупреди за внимателност, а ако не реагирате навремено, со корекција на управувачот ќе ве врати на вашата лента.

Тука се и функциите на активниот темпомат каде што истиот тој радар го мери растојанието од возилото пред вас и држи безбедносно растојание, а се во зависност од брзината.

И да ја заокружам пофалната ода за радарот со една финеса. Кога чекате на семафор, а возилото пред вас тргнува по упалено зелено светло, системот праќа звучен и светлосен сигнал и вие да го сторите истото.

Од системите за асистенција своето присутво го истакнуваат и сензорите за замор како и автоматското регулирање на долгите светла. Решнија преземени директно од повиоските класи.

Сензорите за паркирање поставени на предната и задната страна ќе помогнат во тесните простори, а за секој случај тука е и задната камера која проектира слика на 8-инчниот екран поставен на централниот гребен.

Системите за безбедно сопирање и стабилизирање на возилото при екстремни услови ги поседуваше и претходникот, со таа разлика што кај моделот со ознака 2021, сите тие ги командува многу пософистициран софтвер.

Естетските промени се навистина симболични па оттука и нема сериозно да ги третираме. Ете отприлика тоа се освежувањата направени на Stonic за моделската 2021 година.

За воља на вистината конкурентите нудат многу попривлечно дизајнирана внатрешност која кај Stonic едноставно нема да ја најдете. Класичниот дизајн и (пре)скромната централна конзола никако не може да се стават во иста реченица со современо дизајнирана внатрешност. Во тој дел француските претставници ги диктираат трендовите.

На темата Stonic 2021, во суштина говориме за доминантно акцентирање на безбедносните асистенции, и за промени кои однадвор не се забележливи, но прават голема разлика во карактерот.

Stonic и понатаму останува градски кросовер чија природна средина се густите урбани сообраќајници. Тој примарно е наменет за помладата популација, на која сега и нуди прегршт безбедносни системи. Сето тоа го прави со квалитет кој го гарантира 7 години, и што е многу важно, по цени кои се за најмалку триесетина проценти пониски од конкурентите.

Да ја повториме дилемата од почетокот на текстот. Дали за редизајнираниот Stonic со пакет на опрема Reference 1 вреди да се платат 14.500 евра, односно една илјадарка повеќе од порано? Одлуката секогаш, нели, му припаѓа само на купувачот.

 

 

 

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

фото: Јулиа Егорова

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Тестови