СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Тестови

Opel Corsa 1.5 Diesel GS Line: Малиот шампион

 

Од Auto CEM, тетовскиот дилер на Opel, на тест ја добивме најопремената, GS Line варијанта на Corsa во која чукаше корпорациско дизелско срце од 102 КС, кое како да одбива да троши гориво.

Да се биде член на PSA групацијата, очигледно е добра преференца. Фузијата на францускиот шарм и германската прецизност дава убави плодови. И им носи профит на кинеските сопственици.

Тоа е таа глобализација која многумина не ја сакаат, но кога треба да се купи ново возило знае силно да направи мерак.

И тоа не е сé, ќе кажат маркетиншките промотори – во блиска иднина кон семејството C3, DS3, 208 и Corsa ќе се приклучи и Fiat Punto.

Седиме зад управувачот на Corsa од генерацијата “F” која носи дизелски мотор (го погодувате потеклото, нели?) и е опремена со GS Line пакет.

Кога ќе се погледне службениот ценовник, 18.755 евра изгледаат како висок рид од банкноти! Да, навистина не се малку пари. Но, не заборавајте на фактот што сите нови модели, а поготово во најопремените верзии, добиваат високи цифри зад нивните имиња.

Производителите се правдаат со количините и квалитетот на вградената опрема. Тука главниот збор го имаат безбедносните системи. Во Б-сегментот никогаш до сега немало препознавање на сообраќајни знаци, предупредувања за возило во „мртов агол“, сензори за потреба од запирање поради замор, за одржување на коловозна лента, детекција на пешаци со автоматско сопирање.

Свое место во најопремената Corsa најдоа и конективните системи, потоа комплетното LED осветлување, квалитетен аудио систем, 17 инчни тркала, …

Сепак, сето тоа е само проспект. Првиот момент кога ќе се седне зад управувачот, станува јасно зошто на ред е моделска генерација која се означува со буквата „F“.

Првата од овој сој (Corsa A) дојдена е на овој свет во 1982 година. Сагата сега добива ново продолжение – овој пат под нов патронат, но со старите, препознатливи вредности.

Солидната изработка и материјали кои порано ги наоѓавме само кај повисоките класи, се на првите борбени линии, подготвени да го потврдат квалитетот под кој се препознава секоја Corsa .

Заземаме удобна возачка позиција, па следи палење на моторот. Дали ова е релативно голем (1.5 литри) дизел сместен во 4-метарско возило?

Без никаков сомнеж, пресадувањето од PSA (читај: Peugeot) не би можел поуспешно да го изведе ниту истакнат кардиохирург. Тивката и смирена работа доаѓаат до полн израз. Механичката хармонија на моторот, менувачот и платформата оддаваат впечаток на зрело возило.

Сите првични впечатоци важат само до моментот кога треба повторно да се дополни резервоарот. Во тој момент бројките се чинат нереално ниски – па ова возило како да одбива да троши гориво! По сето малтретирање од cca 400 изминати километри, просечната потрошувачка покажа 5.2 л/100 км. Тоа е над декларираните вредности, но зимаме во предвид дека корсата од Auto CEM ја земавме со нула изминати километри.

Освен потрошувачката, силни аплази одат на адреса и на квалитетот на возењето. За цел број поголемите модели ќе мора вистински да се потрудат за да ги оправдаат додатните сантиметри и повисоките цени.

Кога сме кај сантиметрите да ја кажеме и основната замерка. Имено, на задните седишта нема доволно место ниту за колената, ниту пак за главите на просечните по висина патници. Очигледно седењето позади е наменето само за деца.

Свој удел во позитивните импресии имаат и 17-инчните тркала обуени со квалитетни гуми со низок профил, како и новиот турбо дизелски агрегат кој номинално брои само 102 КС , но испорачува употребливи 250 Nm при само 1.750 вртежи во минута.

Впечатокот е дека моторот номинално може да постигне поголема силина, но веројатно инженерите го барале оптимумот помеѓу капацитетите и потрошувачката.

И повторно за дилемите околу цената. Влезниот модел на Corsa (75 КС) чини нешто под 13 илјади евра. За дизелот со максимална опрема треба да се додат уште 5.700 евра. Сé ми се чини дека дилемата се однесува на можностите на купувачот, а никако на оправданоста на инвестицијата.

 

Opel Corsa 1.5 Diesel GS Line

мотор Diesel Commonreil, линиски, четири цилиндри, сместен напред попречно
работна зафатнина 1.499 cm3
пречник и од 75 × 84.8 mm
напојување директно вбризгување на гориво, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар,
максимална силина 75 kW / 102 КС @ 3.500
максимален вртежен момент 250 Nm  @ 1.750  врт/мин.
пренос на силина мануелен, шест степени
потпирање Напред: Mc Pherson пружини, попречни рамења, стабилизатор                    Назад: полукрута оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки: напред / назад самовентилирачки дискови / дискови  – ABS, EBD, ESP
должина x широчина x височина 4.060 x 1.765 x 1.435 (mm)
меѓуоскино растојание 2.538 mm
тежина 1.165 kg
максимална брзина 188  km/h
забрзување од  0 – 100 km/h 10.2  секунди
комбинирана потрошувачка 3.4   l/100km
емисија  на CO2 87  g/km

 

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

фото: Јулија Егорова

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Тестови