Новата „тројка“ на Mazda успешно ја најавува технолошката револуција која ќе доминира кај јапонскиот производител во наредниот период. Ние ја возевме најопремената верзија со бензинец од два литра и 122 КС.
Ако за VW Golf важи вистината дека е најпопуларен и најпродаван компактен модел, тогаш за јапонскиот двоец Mazda 3 и Honda Civic исто така важи фактот дека се за едно скалило над него.
Новата Mazda 3 удира силен печат на оваа констатација. Погледнете ја вкупната тежина од безмалку 1.4 t и веднаш ќе ви стане јасно за кое ниво на квалитет говориме.
Таа тежина делумно припаѓа на новата архитектура со поцврстата каросерија, а уште поголем процент оди на гомилата сериска и додатна опрема.
Мотор SkyActiv G и Mild Hyubrid технологија
Во моментот Mazda 3 се нуди со три мотори од SkyActiv серијата. Сите три можат да се комбинираат со шест степенски мануелни или автоматски трансмисии. Заедничко за сите е што доаѓаат со 24-волтна Mild Hyubrid технологија.
Две-литарскиот бензинецот се препознава по ознаката „G“, дизелот од 1.8 литри е означен со „D“ а точно помеѓу нив е револуционерниот мотор од два литра (182 КС) кој се бележи со „X“. Поради бројните специфики, за SkyActiv X моторот поопширно ќе се осврнеме во некоја друга прилика.
Се навраќаме на нашиот тестен модел. Атмосферски бензинец кој испорачува само 122 КС, во однос на максималната силина, наликува на вистински реликт од пред четири децении.
Или можеби се работи за сосема нов технолошки пристап? Дилемата се наметнува поради фактот што речиси сите производители применуваат тнр „даунсајзинг“, односно истата силина ја црпат од трицилиндерски турбо мотори од еден литар волумен.
Разбирливо, истите тие резултати (силина, перформанси, еколошки норми, …) Mazda ги постигнува со оригинален пристап, зголемувајќи го работниот волумен на моторот.
Само што нивниот мотор работи рафинирано, извонредно е избалансиран, а при тоа испорачува и повисок вртежен момент (213 Nm).
Oдоговорот на прашањето, како тоа има успева на инженерите на Mazda, е комплекесен и во добар дел останува равенка со повеќе непознати.
Тоа што се знае е, невообичаено за бензинци, високиот степен на компресија од 13:1, вредност која е поблизу до дизел моторите.
Во исполнувањето на новите еколошки стандарди помага и Mild Hybrid (мек хибрид) технологијата која во случајов работи на 24 волти.
Мотор/генератор уредот ја полни капацитетната батерија, која потоа го ослободува моторот од оптеретување во генерирањето на електрична енергија, но исто така ги придвижува и останатите електрични потрошувачи.
Контролната електроника која управува со моторот, при намалено оптеретување, може да исклучи еден пар цилиндри, а секако тука е и стоп/старт системот кој е веќе одомаќен кај сите варијанти на Mazda 3.
Опрема, опрема, опрема, …
Кога кај новата Mazda 3 ќе ја видите ознаката Comfort PLUS/ Style Pack тоа би требало да значи врвен пакет опрема. Токму таков беше нашиот тестен примерок, а тоа со други зборови кажано „нема да нема“ нешто од опрема.
Бандажи од лесна легура со големина од 18 инчи и посебната „трула вишна“ боја заедно со специфичната и агресивна предница, и малку понеутралниот заден дел, создаваат една хармонска целина која нема да остане неприметена.
Ергономијата е без примедби, се седи одлично на сите позиции, токму поради тоа аплаузите одат и на адреса на големото меѓуоскино растојание од 271 cm. Всушност според должината од 446 cm тројката опасно се доближува до повисоката класа, надминувајќи ги конкурентите за добри 15-тина сантиметри. Ете и во овој сегмент јапонците од Хирошима одат во спортивен правец од конкурентите.
Внатрешноста е дизајнира потпирајќи се на сопствените искуства кои налагаат чистење на централниот гребен од сите можни копчиња и команди.
Сите секундарни контроли се поставени покрај рачката на менувачот, и мораме веднаш да констатираме дека брзо се навикнавме на нив.
Посебно ни се допадна системот од камери кои покрај погледите напред и назад обезбедуваат и покривање од 360 степени со слика од височина.
Перфектна помош при паркирање низ урбаниот метеж. Добро, тука е присутна и комплетната екипа на безбедносно-сигурносни системи, но мора да признаеме дека за врвно опремен модели кој чини околу 30К евра, тоа е сосема нормална пајава.
На што упатуваме замерки
Многу малку простор е оставен за „цепидлачење“, но сепак успеавме да најдеме место и за приговори. Како прво, потпирањето е прилично цврсто подесено, па така поминувањето преку засеци или низ ударните дупки звучи прилично грубо иако притоа воопшто не се губи од стабилноста.
Втората забелешка се однесува на (понекогаш!) повторното вклучување на моторот кое знае да прозвучи и грубо, и третата забелешка, ја упатуваме на потрошувачката која низ градски услови не успеавме да ја спуштиме под 8 литри, што значи цел литар над декларираната вредност .
Што посебно ни остави впечаток
Глаткото и меко возење карактеристично за повисоките класи остава најдобар впечаток. Механичката основа, а посебно брзото менување на степените на автоматикот, исто така оставаат одличен впечаток. За опремата веќе кажавме, но нејзината функционалност е подигната на ново рамниште.
Сé на сé, новата генерација на Mazda 3 високо ја подигнува летвичката – квалитетот, изработката и употребените материјали, доаѓаат директно од повисоките класи.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ
мотор ……………………………… бензин GDI (SkyActiv), 4 цилиндри, 1.998 ccm, 16 вентили, Euro 6d Temp
макс. силина ……………………. 90 kW / 122 КС @ 6.000 (врт/мин)
макс. вртежен момент ……. 213 Nm @ 4.000 (врт/мин)
димензии …………………….….. 4.460 x 1.795 x 1.435 (mm)
макс. брзина ……………….…… 197 км/ч
забрзување 0-100 km/h …… 10.8 сек.
тежина на празно возило ….. 1.389 kg
комбинирана потрошувачка .. 5.5 – 5.6 л/100 км (CO2 – 126-128 g/km)
Интересно
-
Актуелен Миг
/ пред 4 неделиДомашна премиера на BMW X3
Четвртата генерација на BMW X3 доаѓа со целосно нов изглед, со бензиски, дизел...
Од Autoinfo.mk -
Колумни
/ пред 2 месециЕвропа ја губи трката
Кризата во автомобилската индустрија се посилно ја притиска европската економија. Состојбите воопшто не...
Од Autoinfo.mk -
EV
/ пред 2 месециZeekr Mix: врвниот семеен ван, во Кина ќе чини неполни 36.000 евра
Брендот Zeekr на Geely има полни раце работа со проширување на својата гама....
Од Autoinfo.mk