Четвртата генерација на Sorento е темелно редизајнирана, сега има нови мотори, нова естетика и попрефинета опрема. Го воезвме врвниот дизел со Executive опрема.
Kia Sorento, како најголем SUV наменет за вонамериканските пазари, ја имаше судбината да биде претставен во 2020 година.
Велиме судбината имајќи на ум дека таа година светот ја памети по општата дерегулација предизвикана од пандемијата.
Без разлика на околностите, ритам на претставување на нов модел со три години проведени на пазарот, па потоа редизајн, Kia успеа да го наметне и кај својот знаменосец.
Разликата помеѓу производителите се прави во интензитетот на промените со кои се предвидува актуелност на моделот во наредните три години.
За веќе етаблиран мас-производител, присутен на глобалниот маркет, таа задача е прилично комплексна.
Основата останува непроменета
Sorento е вистински горостас. На меѓуоскино растојание од 2.815 mm е поставена самоносечка каросерија со должина од 4.810 mm.
Во него има место за 5 патници, или пак, за седум патници при што огромниот багажник станува сразмерно поскромен.
Домашниот увозник во својата редовна понуда вклучува дизелски агрегат од 194 КС, а во случај на специфични потреби може да се нарачаат и хибридна верзија како и плагин хибрид.
Во секој случај говориме за автоматски пренос на вртежниот момент (8DCT) и перманентен погон на сите тркала.
Сето ова е добро познато затоа што припадникот на „Д“ SUV сегментот го имаше и пред четири години.
Минатата година Sorento беш препуштен во рацете на естетските хирурзи. А дизајнерската екипа на Kia е една од најавангардните во индустријата. Погледнете ја само серија („EV“) на електрични возила и ќе стане јасно за што се способни тие експерти.
И не случајно ја споменуваме серијата на електрични возила затоа што од најголемиот EV9 е црпена инспирацијата и за редизајнот на Sorento.
Во истиот тој стил се изведени предниот и задниот крај на возилото, вклучувајќи ги тука како специфика изгледот на светлосните групи, кои сега се вертикално поставени.
Во оквир на Opposites United кое е главно мото на Kia, дизајнерскиот израз тука се нарекува „Храбар за природата“. Што и да значат овие убави пароли, во пракса Sorento се перцепира како големо, моќно и технолошки напредно возило.
Можеби сепак најистакнати се промените извршени во ентериерот. Наместо два одвоени екрани сега тие се интегрирани под едно заедичко куќиште.
Двата се со големина од по 12,3 инчи од кои едниот служи за приказ на кластерот со инструменти додека вториот е наменет за инфо-забавниот систем. Како да тоа не било доволно па во тестираниот модел беше вграден и хедап дисплеј.
Редизајнирани се и кружните команди за избор на стилот на возење како и тој за прилагодување кон теренските услови.
Лимузинско искуство
Автомобил кој тежи преку два тона, притоа може да забрза до првите 100 км/ч за 9,7 секунди и при тоа постигнува максимум на брзината од 201 км/ч, во секој случај заслужува симнување капа.
При нашето возење на итинере кој завршуваше во Охрид, а попатно со скршнување кон Маврово, по изминати 450 км, за потрошувачката патниот комјутер покажуваше 8,1 литри/100 км.
Импресивен е тоа резултат ако се знае дека нашето тестно возило воопшто не го штедевме. Дизелот од 2,2 литри со своите 194 КС во секој момент беше подготвен да ги понуди своите услуги, а чуството на резервна силина секогаш ќе знае да помогне во надминување на патните предизвици.
Распределувањето на силина на предната и задната оска се одвива автоматски во согласност со патните услови и барањата на возачот, а моменталната состојба може графички да се следи на дисплејот со инструментите.
Не можеме да се отргнеме од впечатокот дека во секој режим контролата над возилото е целосна, а однесувањето крајно предвидливо.
Она што е најважно, и покрај големината Sorento се вози исклучително лесно па не би требало да имаат проблем ниту возачи кои за прв пат седнуваат во него.
Опрема, опрема,… опрема!
Во тестното Sorento навистина нема што нема. Дел од опремата веќе опишавме, но внимавајте на што сé е мислено.
Управувачот се подесува со електрика, седиштата имаат вентилација и масажа, кровот се отвара по целата должина, третиот ред на седишта е опремен со сопствена климатизација и вентилација, USB приклучоци има за сите патници,…
За безбедноста се грижи осовремениот ADAS кој ги интегрира сите системи, заклучно со автономно сопирање при непосредна опасност.
Импонира и можноста за осветлување на кабината при ноќно возење при што изборот на графиката на двата екрани како и тенките LED линии заедно со врвниот аудио систем, нудат врвни задоволства.
Цена?
И на крајот, а не споменавме ниту половина од капацитетите и опремата, логично звучи прашањето колку тоа чини? За возениот примерок треба да се издвојат точно 64.950 евра. Многу, таман или малку? Зависи од финансиските капацитети на секој поединец.
Можеби би биле поблиску до реалната проценката кога би имале некој ривал кој ќе одговара според големината и содржината. Секој таков обид со возило кое има приближни капацитети ќе не однесе преку 100К евра.
Интересно
-
Наше мислење
/ пред 1 неделаДржавата ќе го спасува Volkswagen
Опстанокот на големите автомобилски групации не е можен без државна поптпора. Пост пандемискиот...
Од Autoinfo.mk -
Актуелен Миг
/ пред 1 месецДомашна премиера на BMW X3
Четвртата генерација на BMW X3 доаѓа со целосно нов изглед, со бензиски, дизел...
Од Autoinfo.mk -
Колумни
/ пред 2 месециЕвропа ја губи трката
Кризата во автомобилската индустрија се посилно ја притиска европската економија. Состојбите воопшто не...
Од Autoinfo.mk