Jaguar I-Pace од новата моделска година доби дополнителни технологии и скромни дизајнерски измени
Можеби се малку, но измените на I-Pace за новата моделска година некому многу ќе му значат.
Така, електричниот SUV на Jaguar сега доаѓа со нов Pivi Pro инфозабавен систем. Интуитивен за користење како смартфон, тој има 10-инчен екран чувствителен на допир.
Под него се среќава уште еден екран од 5 инчи за клима уредот, а дигиталниот кластер е од 12,3 инчи.
На централната конзола сега има предвидено место за безжично полнење телефон, а подобрени се и конективните можности.
Покрај стандардите Apple CarPlay, Android Auto и блутут со кои можат да се поврзан два телефона истовремено, вградена е и 4G СИМ картичка која обезбедува пристап на интернет.
Системот камери од 360 степени е стандарден, а видливост наназад подобрена со ClearSight дигиталниот ретровизор чија камера е интегрирана во антената.
Со два екстра звучници унапреден е и опционалниот Meridian аудио систем.
Модерниот систем за вентилација кој располага со посебни филтри за воздух може да ја проветрува кабината уште пред патувањето да започне. Измените во дизајнот ќе ги забележат само тие што работат во фабриката на Jaguar.
I-Pace и понатаму располага со два електромотора со вкупно 400 КС и 696 Nm, а батериите од 90 kWh му овозможуваат поминување 470 km.
Стандардниот полнач од 11 kW овозможува поминување 53 km за секој час поминат поврзан на електричната мрежа.
За комплетно полнење на батериите се потребни 8,6 часа. Со брз полнач од 100 kW за 15 минути ќе се повлече доволно струја за 126 km.
Цената на Jaguar I-Pace во Велика Британија изнесува 65.195 фунти.