Салонот на Кореа Ауто Трејд денес беше домаќин на средба на која се официјализираше соработката помеѓу Hyundai и нашата тркачка легенда Игор Стефановски Иџе кој во наредната сезона на TCR Europe шампионатот ќе вози Hyundai i30 N TCR.
Охрабрен од одличните резултати во светскиот рели шампионат, Hyundai реши да влезе и во натпреварите на кружни трки.
За потребите на приватните тимови кои се натпреваруваат во сé популарните трки од серијата TCR Europe, Hyundai Motorsport подготви конкурентен автомобил со врвни перформанси.
Токму на оваа точка се најдоа напреварувачката верзија Hyundai i30 N TCR и нашиот шампион Игор Стефановски Иџе.
Под закрила на Stefanovski Racing Team нашиот шампион ќе се натпреварува во TCR Europe шампионатот во кој се предвидени да се возат вкупно седум трки: Pol Ricard, Zandvoort, SPA-Francorchamps, Hungaroring, Assen, Monza и Barcelona (Catalunya).
Првата трка започнува веќе на 06. Мај што на некој начин значи и хендикеп за нашиот натпреварувач бидејќи сеуште се нема запознаено со возилото.
Инаку Hyundai Motorpsort, за сума од 128 илјади евра, нуди исклучително конкурентен напреварувач. i30 N TCR е опремен со дволитарски трубо бензинец со директно вбризгување кој е спарен со секвенцијален менувач со шест степени на пренос.
На предната оска е монтиран McPherson додека задната мулти линк оска со шасијата е поврзана на четири точки.
Сопирачките се Brembo а резервоарот за гориво може да прими до 100 литри високооктански бензин.
Задниот голем спојлер како и останатите аеродинамички додатоци се изработени во согласност со правилникот на TCR Europe (Touring Car Series) шампионатот.
За помладите лубители на авто спортот да напоменеме дека во ова натпреварување учествуваат спортските изведеници од комапктната класа на автомобили, што пак, гарантира масовно учество но од друга страна и силна конкуренција.
Honda Civic Type R, Seat Leon Cupra, Audi RS 3, Volkswagen Golf GTi, Peugeot 308, и секако Hyundai i30 N се конкурентите кои ќе бијат беспоштедна битка за секоја позиција.
Познавајќи ја посветеноста на корејците кон поставените задачи и докажаниот брзина на Иџе воопшто не се сомневаме дека на европските победнички подиуми ќе го гледаме нашиот голем шампион и ќе ја слушаме нашата државна химна.
Во оваа прилика на Иџе му ја посакуваме целата натпреварувачка среќа и успех во новиот шампионат!