СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Видео

De Tomaso оди на печалба во Америка (видео)

Легендарниот италијанскиот производител на спортски автомобили De Tomaso се сели во Америка за да биде поблиску до своите купувачи.

Раководството на компанијата вели дека до оваа одлука не дошле лесно, правдајќи се сепак дека De Tomaso отсекогаш бил познат како европско-американски бренд.

Она што не го кажуваат докрај е тоа што ова име од 2015-тата е во сопственост на инвестицискиот фонд Ideal Team Ventures од Хонг-Конг, каде е и регистрирана компанијата.

Тие тогаш за сума од 1.050.000 евра го купија имотот на претходно банкротираниот De Tomaso, вклучувајќи ги и правата под тоа име да произведуваат автомобили, како што изјавија пред стечајниот суд, во Кина.

И навистина – по повод 60-годишнината лани тие го преставија велелепниот P72, чие производство треба да започне пред крајот на 2022 година.

Во моментов се водат разговори со неколку сојузни американски држави за потенцијалната локација каде тоа ќе биде, а одлуката ќе се знае во наредните шест месеци.

Основана 1959 година во Модена од страна на итало-аргентискиот тркач Алехандро де Томасо, неговата компанија имаше бурно минато.

Водена пред сé од страста а не од бизнис-логиката, преминуваше од раце во раце.

Ќе остане забележано дека едно време нејзин сопственик беше Ford, но и дека во нејзина сопственост беа Maserati, Innocenti и Moto Guzzi.

На крајот сé заврши во рацете на Кинезите, истите тие што го поседуваат и германскиот производител на спортски автомобили Apollo Automobil, некогашен Gumpert.

Затоа и De Tomaso P72 има многу заеднички нешта со Apollo IE – карбонската шасија, на пример, но место атмосферски V12 од Ferrari има 5,0 литарски турбо V8 од Ford со 700 KS.

Планот е да се произведат 72 примероци од овој суперспортист, по цена од 750.000 евра.

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Видео