СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Во светот

Dacia Spring Electric: Пролетна револуција

 

Првиот електричен автомобил на Dacia има амбиции да ја демократизира понудата на возила со алтернативни горива. Урбаниот кросовер со полни батерии може да се движи до 225 километри.

Масовната продукција на електричните автомобили ја започна Tesla, и тоа во класата на спортско-луксузните  лимузини. Следејќи го тој пример голем дел од етаблираните производители сега нудат серија конкурентски модели.

Од друга страна, првенствено Кинеските компании започнаа со продукција на мали и евтини автомобили со радиус на движење поставен нешто над 100 километри.

Тој меѓупростор сега мудро го пополнува Dacia со електричниот првенец, Spring Electric. На прв поглед ќе помислите дека се работи за електризиран Daster, но димензиите веднаш дематираат.

Според пропорциите (373 x 162 x 151)cm очигледно се работи за европска А-категорија, каде што, на пример, царува едно Twingo.

Кога најавите говорат за цена споредлива за основен Renault Clio со класичен мотор, интересот расте со квадратот на чекањето на сериската продукција.

Ај да ги погледнеме можностите па логично да просудиме за оценките со кои алијансата ветува револуционерна демократизација во понудата на електрични возила. Поинаку кажано: Spring Electric ќе може да си го дозволи секој просечен купувач на модел од Б-категорија.

Тајната на популарната цена се крие во пребогатата витрина со современи технологии во сопстевност на Renault групацијата. Во случајот со Spring Electric најчесто споменуванo име е Renault Kwid (специјално конструиран за Индискиот пазар) кој се јавува како дарител на механичката основа.

Од таму е позајмено и меѓусокиното растојание од 242 cm како и клиренсот од 15 cm кој е задолжен за специфичниот облик на кросовер. И тука некаде завршуваат сличностите.

Спецификите започнуваат од замената на класичниот со Е-мотор од 33 kW (45 КС). Тој предните тркала ги движи со енергија складирана во сетот литиум-јонски батерии со капацитет од 26.8 kWh.

Ефикасноста на електричниот состав се огледа во радиусот на движење кој во комбиниран (според WLTP) циклус изнесува 225 километри. Од Dacia предупредуваат дека при само урбана употреба, радиусот на движење се зголемува на респектабилни 295 km. А градските возила, случајно нели, најчесто се употребуваат при градски услови на возење.

Додатно 10 процентно штедење може да се оствари со едноставно притискање на копчето, ECO со што се намалува испораката на силина за 10 kW, а максималната брзина се ограничува од 135 на 100 км/ч.

Земјаќи го предвид Европскиот дневен просек на употреба на малите возила кој изнесува 31 km, Spring Electric би требало да ги полни своите батерии само еднаш неделно.

Капа доле за мудрото конструкциско решение.

Првата електрична Dacia ќе се нуди во два пакета на опрема, а во основната ќе содржи електричен управувач, централно заклучување, електрика на прозори и 3,5-инчен LCD екран.

Безбедносната опрема е во полн состав. Тука се присутни: ABS, ESP, шест воздушни перници, автоматски светла, напредна асистенција за автономно сопирање, целосна конективност.

Потсетување за сите скептици, Logan, Duster, и Sandero на своите почетоци неретко предизвикуваа иронични коментари. Седум милиони возила продадени откако во 2004 година се појави првиот Logan, силно демантираат.

Широката публика која преферира транспорт со нулта емисија на штетни гасови ќе има доволно причини да ја пречека идната пролет кога Dacia Spring Electric ќе се појави во продажните салони.

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Во светот