Го возевме обновениот C3 Aircross – од изобилството понудени комбинации ние се дружевме со бензинската верзијата од 110 КС подготвена во Feel Pack пакет на опрема која со прорачунат акциски попуст чини 17.190 евра.
Не треба големо автомобилско познавање за да се констатира дека секој Citroën е посебен на свој начин.
Додатно, ако е обележан со Aircross ознаката тоа значи дека возилото е обдарено со SUV/кросоверски капацитети.
Имајќи го предвид потеклото, јасно дека кај C3 Aircross кросоверскиот карактер доминира, а отсутвото на интегрален погон, не остава многу простор за понатамошна дискусија.
Лансиран 2017 година, Citroën C3 Aircross во трите години на пазарот успеа да пронајде пат до 330 илјади купувачи. Најголемиот дел од нив, дури 62% се определиле за највисокото ниво на опрема означено како Shine.
Капацитетот на нашите купувачите малку се разликува од европскиот па затоа поскромното ниво Feel Pack се смета како оптимален избор за сумата вложена во овој модел.
Најпрвин за износот запишан на продажната фактура: 18.190 евра од кои на име „промотивен попуст“ треба да се одземе една илјадарка, па во конечница сметката изнесува 17.190 евра.
Во состојба на постојан раст на цените, секој според своето „ќесе“ ќе се произнесе околу цената. Како за ориентација нека послужат цените на блиската родбина која ја знаеме како Peugeot 2008 и Opel Crossland.
Пред да проговориме за добиената противврденост, уште еднаш да напоменеме дека говориме за обновен модел кај кој доминираат естетските корекции, додека механиката воглавно останува непроменета.
А кога сме веќе кај неа, се е сконцентрирано околу веќе докажаниот PureTech трицилиндарски бензинец од 1.2 литри. Своите 110 КС тој на предните тркала ги пренесува преку мануелен менувач со шест степени.
Изненандувања нема ниту во останатите механички компоненти, така да во принцип говориме за традиционални решенија. А тие во случајов се докажани во милионски тиражи. Електрификацијата, за среќа по џебот на купувачите, ќе мора да се побара на друго место.
Само еден поглед кон индикаторот за гориво, во целост ќе им даде за право на француските стратези. Комбинираното (прилично динамично) возење во пракса не побарува повеќе од 6 л/100 км што ќе ги задоволи и заколнатите штедачи на скапоцената капка.
Во моменталните консталации тоа е многу поевтина варијанта отколку заштедата на гориво која се остварува преку вградување на скапата plag in технологија.
Со повнимателно возење веројатно и изнесената бројка ќе претрпи промени, но ако се земе во обзир понудената динамика, сите пресметки се и повеќе од поволни.
А динамика не недостасува: во 6-ти степен на пренос, со само 2.500 вртења на моторот, се постигнува максимално дозволената автопатска брзина од 130 км/ч. Максимумот од 183 км/ч не го проверивме но затоа забрзувањето од 10,2 секунди во пракса делува уште поубедливо.
Механичките разлики во однос на корпорациските блиски роднини, C3 Aircross ги прави во системот на амортизација, и повторно поврзано со комфорот, во однос на градбата на седиштата.
Говорејќи за личен вкус, малку амортизацијата ми е меко подесена, додека за седиштата би имал само пофалби.
Одлично се прилагодуваат на телото, страничното ослонување е ефикасно, и најважно, воопшто не заморуваат.
Со Feel Pack нивото на опрема помеѓу останатото се опфатени и системот за предупредување за мало растојание со возилото пред вас, потоа препознавањето на знаците за ограничување на брзината, предупредување за напуштање на коловозната лента, препорака за правење пауза.
Во стандардната постава возилото е опремено со комплетна електрична подршка, цел сет од воздушни перници, конективна подршка за мобилните уреди со екран од 9 инчи, … и да, со естетски додатоци кои го даваат толку посебниот визуелен идентитет.
Тоа е се во ред, но C3 Aircross, исто како и секој друг модел на Citroën, има квалитети кои не може да се квантификуваат.
Веројатно тоа е стилот, можеби имиџот и уникатноста, или пак удобноста. Сето тоа заедно го изразуваме како идувидуално чувство, поточно, емоција која, пак, е пресудна при одлуката за купување.