СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Револуцијата ги изеде своите автомобили

 

Во тек е третата автомобилска револуција која треба да резултира со производство на нови, чисти возила.

Пред седум години се појави проблемот со педалот за гас кај хибридот Prius, кој Toyota го реши прилично елегантно.

Покренатата афера беше санирана со само неколку милиони долари кои им беа доделени на наводните жртви.

Многу поважен од тој износ беше пораката која Јапонците веднаш ја сфатија – намалија на агресивност.

Потврдоглави се покажаа првите луѓе на Volkswagen Group кои со своите дизели веќе беа длабоко пенетрирани на Новиот континент.

Малку мамеа со софтверот, но аферата Dieselgate, отворена од Американските регулаторни тела, ги чини прескапо. До сега се споменуваат некои 35 милијарди долари директни штети, а сите претмети сеуште не се затворени.

Сето тоа се случува во услови кога големата американска тројка, GMChryslerFord, се соучува со губење на децениски стекнатите позиции, и уште повеќе, со големи финансиски загуби.

А за нивна финансиска консолидација беа употребени големи пари позајмени директно од државата. Двете големи афери со најголемите светски производители можеби се само коинциденција, или пак, можеби, нечија долгорочна стратегија.

Во позадина на овие настани, Tesla веќе го подготвува Model 3 кој со декларирана цена од 35К долари треба целосно да ја демократизира понудата на возила на батериски погон.

Европските, па во некоја мера и јапонските производители, се затечени од наглата експанзија на новата технологија. Кинезите будно следат и во целосна подготвеност чекаат на промена на европската регулатива на која самите тие инсистираа.

Каков автогол! Се носи регулатива која заговара нулта емисија на штетни гасови до 2035 година. Во услови кога со развојот на BEV возилата се доцни цела декада зад Американците, и уште малку повеќе зад Кинезите.

Кога ќе се погледне сопственичката структура на европските производители воочлив е еден важен факт. Таму каде што се присутни кинеските компании, Stellantis, Volvo, MG,… тие успешно се носат со предизвиците на новите технологии.

Иако Renault располага со прилично развиена технолошка основа, сепак и тие се во завршна фаза за заеднички вложувања со кинески партнери. Mercedes-Benz има сопствен развој но зависи од кинеската испорака на батерии.

Со целосно сопствен развој на BEV може да се пофали единствено BMW кој ги произведува и сите потребни компоненти.

На немилост е оставена само Volkswagen групата која со големи напори успева некако да го фати чекорот, но притоа плаќа многу висока цена. А да не заборавиме, тие до лани беа најголемиот производител на возила.

Поради тој факт стратегијата за премин на возила со нулта емисија добива посебна димензија. Воопшто не се сомневаме дека германците ќе излезат на крај со сите предизвици кои ги носи електрификацијата.

Но додека тоа се случи, Tesla веќе руши производни рекорди со фабриката во Берлин, а кинезите трпеливо и систематски ја напаѓаат Европа, и тоа токму преку германскиот пазар.

Крајно поедноставено: Американците се враќаат на светската сцена на која веќе доминираат Кинезите. Додека Европа ги дочека своите еколошки возила приматот веќе цврсто ќе го држат другите.

 

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг