Производителот убедува дека првиот комерцијален ван со технологија на горивни ќелии има подолга автономија отколку неговата BEV верзија.
Stellantis во чиj состав се Peugeot и Opel, во своите лесни комерцијални возила започнува со вградување на технологијата на горивни ќелии.
За основа на Peugeot E-EXERT FCV е земена батериската електрична изведба (BEV) на Expert.
Разликата се прави во капацитетот на батериите, кај електричната верзија е поставен сет со капацитет од 75 kWh додека водородната изведба на подницата под возачкото седиште крие батерија од 10,5 kWh.
Погонскиот електромотор мотор кој ги придвижува предните тркала, исто така е идентичен, ослободува 100 kW (136 КС).
Суштинската разлика во однос на BEV-верзијата се прави во монтирањето на водородните резервоари кои се неопходен дел од системот на горивни ќелии.
Во нив може да се „наточи“ 4,4 килограми водород, кои откако во FCV-модулот ќе се претворат во електрична енергија, се доволни за поминување на 400 километри.
Повторното полнење на резервоарите под висок притисок (ги има три на број) со водород трае околу 3 минути.
Убавината на технологијата на горивни ќелии се состои во фактот што генерирањето на потребната електрична енергија се одвива во FCV-модулот, а како продукт од хемиската рекација на кислородот од воздухот и водородот од резервоарите е чиста (дестилирана) вода.
Батериската изведба на E-EXPERT со едно полнење добацува помалку, според фабричката декларацијата, 340 километри.
Интересен технички момент е што лесното комерцијално возило може да се движи и кога водородните резервоари ќе бидат испразнети. Иако не е наведено, во тој случај Expert може да помине cca 50 km. Батериите може да се полнат на обичен 11-киловатен полнач.
E-EXPERT HYDROGEN ќе се произведува во Франција, а потоа ќе се транспортира во матичната фабрика на Opel во Риселсхајм каде што ќе се вградуваат компонентите од горивните ќелии. Од исто место и со идентична технологија ќе излегува и Opel Vivaro-E Hydrogen.