Со желба да им се излезе во пресрет на купувачите на нови возила решивме да направиме серија посети на нашите салони и да разгледаме што конкретно во моментот се нуди.
>> Додека автомобилските импортери со сите сили се борат да обезбедат контингент возила за нашиот пазар, производителите мака мачат за обезбедување на непречено производство.
Актуелната состојба, со силно истакнат недостиг на возила, бара вложување вонредни напори, за мал пазар како што е нашиот, обезбедување на колку-толку редовна испорака.
Истата судбина ја дели и Toyota, еден од двата најголеми светски производители. Имиџот на бренд кој преку својата пионерска работа во областа на хибридната технологија сериски започната со првиот Prius во 1997 год. сега ја доживува својата вистинска афирмација.
На ден 20.12. во салонот на Toyota затекнавме многу потенцијални купувачи кои конкретно се интересираа за својот префериран модел.
>> Toyota Yaris
Влезот во хибридниот свет, Toyota го остварува преку четвртата генерација на Yaris кој ужива висока репутација кај љубителите на возилата од „Б“ сегментот.
Изграден врз целосно нова платформа, со нова механичка подршка, и сега облагороден со хибридна технологија, тој за годинава заслужено ја доби највредната автомобилска титула на Стариот континент – „2021 Автомобил на годината во Европа“.
Изложениот примерок беше со наново обработена хибридна технологија во која соработуваат трицилиндерски 1,5 бензинец со 92 КС и електромотор кој придонесува со додатни 80 КС.
Системската силина на хибридниот погон изнесува 116 КС што му овозможува на Yaris ветувачки перформанси: забрзување од 11,8 секунди и максимум на брзината од 175 км/ч. Очекувањата за ниска потрошувачка се потврдуваат преку просечните (според WLTP) 3,3 литри за секои 100 изминати километри.
Редовната цена на изложениот модел изнесува 20.590, а ако се пресмета акцискиот попуст од 1.700, таа се симнува на 18.890 евра.
>> Toyota Corolla
Треба внимателно да се одберат зборовите кога се говори за Corolla. Според најрелевантните светски статистичари тоа е најпродаваниот модел во историјата на автомобилизмот.
Над 50 милиони примероци, започнувајќи од 1974 па се до актуелната 12-та генерација, недвосмислено ја раскажуваат сторијата за ист толкав број задоволни купувачи распостранети на сите континенти.
Претставена во 2019, Corolla може да се добие како хечбек, седан или пак во караванска верзија.
Од двата изложени модели, црвениот примерок беше опремен со бензински 1,5 литарски мотор кој испорачува 125 КС доволни за постигнување на максимална брзина од 190 км/ч и забрзување од 12,1 сек.
Декларираната потрошувачка од 6,1 л/100 км е во целосен склад со еколошката филозофија на брендот. Акциската цена на моделот опремен со Business пакет изнесува 17.590 евра.
Во сивиот примерок беше вградена хибридна технологија во која синергијата се остварува преку 1.8 литарски бензинец со 98 КС и електромотор кој испорачува додатни 72 КС.
Системската силина од 122 КС е способна да го надмине електронски ограничениот максимум од 180 км/ч. Комбинираната потрошувачка од 3,8 литри е сосема очекувана за една компактна Toyota, а целиот пакет може да се добие по акциска цена од 24.390 евра.
>> Toyota Yaris Cross
Како што кажува и самата наставка, Cross тоа е кросоверска верзија на Yaris. Моделот е претставен минатата година и за кратко време успеа да ги освои симпатиите на младата публика.
За Yaris Cross ексклузивно е резервиран бензинскиот мотор од 1,5 литри кој секако се комбинира со автоматски безстепенски CVT менувач, а разликата се прави во комбинацијата со или без вградена хибридна технологија.
По цена од 36.890 евра може да се добие изложениот примерок, покрај кого стои таблата која нé известува дека се работи за хибридна верзија, која згора на тоа вртежниот момент го пренесува на сите четири тркала.
Токму во верзијата означена како Yaris Cross 1.5/116HP HYB AWD е вграден споменатиот 1,5 литарски бензинец со 92 КС кому тука му прави друштво електромотор со 85 коњи.
Системската силина од 116 КС е доволна за постигнување на 11,8 секунди и 170 км/ч. Инаку, стартната цена на Yaris Cross со 120 КС започнува од 23.090 евра.
>> Toyota H-CR
Суб-компактниот кросовер е присутен на пазарот од 2016 година, а благи стилски интервенции му се извршени минатата година. Обликуван во „идно време“ стана моден кодекс на технички образуваната млада популација.
Исто како и останатите модели на јапонскиот производител, се нуди со бензински или чисто хибридни погони.
Изложениот модел носеше идентична хибридна комбинација како и Corolla. А тоа значи дека 1,8 литарскиот бензинец испорачува 98 КС а струјниот мотор кога е во погон може да испорача максимални 72 КС.
Системски впрегнтите 122 КС овозможуваат максимум од 170 км/ч и забрзување до првата троцифрена бројка кое трае рамно 11 секунди. По акциска цена од 29.690 евра се добива Club пакет на опрема со кое H-CR просечно ќе троши 3,9 литри на поминати 100 километри.
>> Toyota RAV4 Hybrid
Претставен 1994, RAV4 важи за втемелувач на SUV класата. За време на целиот период, конструкторите упорно работеа на унапредување како на патните така и на неговите теренски капацитети.
Од 2019 на сцена е четвртата генерација која беше изградена врз сосема нова платформа. Докажаниот квалитет е верифициран преку мноштво награди помеѓу кои е и SUV на годината во Македонија.
За компактната SUV категорија, Toyota нуди посебно димензиониран хибриден погон. Големиот четирицилиндерски бензинец од 2,5 литри (178 КС) со помошта на по еден електромотор поставени на двете оски, кои испорачуваат 120 односно 55 КС, ги придвижува сите четири тркала.
Систематската силина од 222 коњи способна е да го забрза возилото со тежина од 1,7 тона за само 8,1 секунда. Забрзувањето трае се до 180 км/ч кога контролната електроника го активира лимитаторот.
Во салонот не пречека RAV4 2.5 Hybrid CVT AWD Dynamic чија цена по пресметување на акцискиот попуст изнесува 37.691 евра.
>> Toyota Land Cruiser
Од своето претставување случено во 1974 год. Land Cruiser веднаш се здоби со епитетот на врвен авантурист. Без разлика на поднебјето и континентот по кој вози, за него не постојат пречки.
Згора на тоа тој е еден од ретките модели во кој патниците имаат доверба за упатување по неоткриените беспаќа. Напредниот интегрален повод ги носи сите заслуги за проодноста, а моторните пропулзии се димензионирани посебно за различните региони.
Изложениот примерок под хаубата го криеше единствениот дизел мотор кој го сретнавме во салонот. Неговите четири цилиндри распоредени во 2,8 литри работен волумен, испорачуваат 204 КС и голем вртежен момент од цели 500 Nm.
Односот на преносните запчаници во автоматскиот менувач, кој инаку знае да брои до шест, ги носи заслугите за забрзување кое трае нешто под 10 секунди и максимум на брзина од 175 км/ч.
Потрошувачката многу зависи од теренот по кој се пробива Cruiser-от, но во секој случај се врти околу 10 литри нафта. Цената на вака скроениот примерок носи сложено име, Luxury Premium Black Edition кој ги дефинира капацитетите и нивото на опрема, е поставена на 81.500 евра.
>> Како што дознавме од одговорните, слободни возила во моментов речиси и да нема. Во зависност од бараниот модел варира и времето за чекање на испорака.
Во принцип, на поновите модели (Yaris, Yaris Cross) се чека подолго, но има и модели кои се наоѓаат на регионалниот сток па затоа нивната испорака може да се реализира во краток временски рок.
Убавата вест гласи дека во полската фабрика од која се испорачуваат хибридните верзии кои се изработуваат на база на Yaris, веќе е воведена уште една паралелна линија која ќе го удвостручи производството.
Да, тука се и најавите од Toyota кои за почетокот на идната година најавуваат надминување на кризата со снабдувањето со полупроводници.
текст&foto: Агрон Сулејман
Интересно
-
Колумни
/ пред 3 неделиЕвропа ја губи трката
Кризата во автомобилската индустрија се посилно ја притиска европската економија. Состојбите воопшто не...
Од Autoinfo.mk -
EV
/ пред 4 неделиZeekr Mix: врвниот семеен ван, во Кина ќе чини неполни 36.000 евра
Брендот Zeekr на Geely има полни раце работа со проширување на својата гама....
Од Autoinfo.mk -
Во светот
/ пред 1 месецŠkoda Elroq: струја по цена на гориво
Компактниот SUV на Škoda ќе се нуди со мотори од 125 до 210...
Од Autoinfo.mk