СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Автомобилски огласи: исклучително ниско ниво на комуникација

 

Користените возила се продаваат преку огласи, на плацеви или преку лични познаства. Да погледнеме одблизу како се огласуваат автомобилите и со кои аргументи се напаѓаат потенцијалните купувачи.

Се продава автомобил, марка: таа, модел: тој, год. на произв. 2004/2005, одлично сочуван, фул опрема, два клуча, направен голем сервис, …

Огласите се преполни со вака срочени понуди. Се нуди биквално сé, од релативно нови до возила со прилично сомнително минато.

Интересно би било да се осврнеме на карактеристичните начини на огласување. Најпрво што паѓа во очи е изоставање на цената на возилото.

Во замена за објавување на цената, како најголем аргумент кој треба да ги привлече интересентите се нудат фотографии од добриот изглед на понуденото возило.

Така, во втор план паѓа цената, а во трет годината на производство. Околу поминатата километража веќе никој и не се замара. Одамна никој веќе не верува во тој податок.

Откако премина во општонародна шега, никој веќе не го истакнува податокот дека возилото „го возело баба“. И што тогаш им останува на вештите продавачи? Па, возилото има два клуча(!?), годината на производство се состои од две цифри или пак дека бојата е оригинална. Уште ако има клима и ABS тогаш се пука со главниот аргумент – фул опрема.

Овие „кодирани“ податоци би требало да асоцираат дека возилото не е украдено (или одјавено во лизинг компанија), дека е произведен на крајот од една и почетокот на друга година и дека тоа возило не претрпело поголеми деформации на каросеријата (по правило со вешто сокриени кородирани делови).

Во недостаток на останати аргументи, неретко продавачите ги прикриваат недостатоците на својот продажен адут.

Поготово со тоа се прикрива вистинската историја на понуденото возило – таа секако е непозната. Неретко не се ниту продавачите виновни, често се случува автомобилот да е поставен на оглас (или пратен на плац) од некоја друга личност, па огласувачот (продавачот) навистина да не знае ништо за него.

Збирно гледано, дури и тоа не мора да значи откажување од купувањето туку непогрешливо упатува на зголемено внимание.

И да се навратиме повторно на цената. Неистакнувањето на вредноста на возилото – по правило, во западните земји тоа е примарен податок – значи дека продавачот потајно лицитира со цената и бара најдобра понуда, па ако некој падне во замката, паднал!

Иако ова се само најкарактеристичните примери, тука некаде ќе застанеме со краткиот осврт за начинот на кој се огласуваат и продаваат автомобилите. Пристапот е тој – помеѓу огласите и продажните плацеви не се прави речиси никаква разлика.

Во споредба со податоците  кои примарно ги наведуваат нашите (пре)продавачи, во западните земји од каде што и потекнуваат увезените автомобили, примарни се цената, изминатите километри, одржувањето и недискутабилното потекло!

Ќе научиме и ние, за општество со возен парк кој во просек е стар дваесетина години, и не сме така лоши. Само што ќе треба да помине поприлично време додека го подигнеме малку ниското техничко-технолошко ниво! Да, и комунуникацијата при продажбата на користени возила.

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг