Шведскиот SUV со средна големина опремен со дизелски агрегат од 190 КС беше задолжен да не дружи на кратката аванатура по планините на западниот дел од државата. Претпоставувате нели, си поминавме многу возбудливи километри.
Споменувањето на Volvo силно не асоцира на големите каравани, кои наликуваа на коцкести патни тврдини. И на безбедносни системи, кои се шведска константа уште од формирањето во 1927 година.
Потоа следеше период на глобализација во кој Volvo од алтернативен премиум се обиде да премине во мас производител.
Заслугите за промена на карактерот одат директно на адреса на Американците од Ford кој ’99-година го преземаа управувачкиот пакет на Шведскиот производител. Тоа ќе се покаже како лоша одлука, многу лоша!
Агонијата траеше до 2010 кога кинезите од Geely Automobile интересот за технологијата на Volvo го крунисуваат со преземање на мнозинскиот удел. Тие денови во седиштето на компанијата во Торсланда беа повеќе тажни отколку надежни. Од денешна перспектива се чини дека токму тој ден, во близината на Гетеборг, требало да се организира голема веселба.
Првиот рекорд од половина милион продадени возила беше постигнат 2015, за да минатата година се заврши со 707 илјади автомобили, кои завршија во преку 100 земји од сите континенти.
Еден од тие лански модели – XC60 D4 AWD – заврши и во моите раце. И веднаш ќе кажам, за жал, затоа што само после неколку денови интензивно дружење требаше да го вратам во продажниот салон на Volvo Cars.
Да го расчистиме и моментот со годината на производство. Од 2020 година сите модели на Volvo ќе бидат електрифицирани, што значи дека на еден или друг начин ќе имаат и асистенција од електромотори. Уште една важна разлика: сите возила на Volvo со година на производство 2020 имаат електронски ограничена максимална брзина од 180 км/ч.
Комбинацијата на брзинското ограничување со вградување на неколку дузини безбедносна опрема резултира со ветувањето дека нема да има ниту еден загинат или тешко повреден во незгоди во кои е вклучено нивно возило.
Цврсти материјали и напредни решенија
Кога во една точка на интерес ќе се вкрстат материјали од најдобрите, опеани во сите извештаи за квалитет, заедно со технологии од најнапреден вид, резултатот е целосно очекуван.
Да започнеме од платформата. XC60 лежи на основа која може да се прилагоди кон различни димензии. Наречена е Scalable Product Architecture (SPA) и овозможува врадување и на хибридни пропулзии.
Во премиум сегментот воопшто не се дискутира конфигурацијата на оските – тие секако се мултилинк. Истото се случува и со перманентниот интегрален погон кој е управуван од семоќната контролна електроника. Таа нема да дозволи никакви непотребни ротации на оските, факт кој позитивно се одразува на потрошувачката а нема несакани ефекти кон проодноста.
Влошените патни услови промтно ќе бидат детектирани и во делови од милисекунда ќе го прераспределат вртежниот момент според комунистички принцип – секому според потребите.
Спецификата на системот за потпирање кај XC60 се состои во отсуството на спирални опруги и класични амортизери кои се заменети со пнеуматска суспензија. Кога кон оваа оригинална поставка ќе се додаде моторот – кој од своја страна вклучува мал милион посебности – доаѓаме до целина која функционира речиси перфектно.
Велам речиси, затоа што годинешниот модел е поддржан со хибридна технологија која ги подигнува критериумите до ниво на додатни даночни олеснувања. Уф, малку се занесов, зелените технологии моментно кај нас не значат ама баш ништо, но во еколошки освестениот свет значата конкретна заштеда на пари.
Алтернативен премиум
Германскиот трилинг од премиум класата која на меѓународна сцена игра во состав, Mercedes, BMW, и Audi цврсто го држи тронот во сите класи. Од нив само Mercedes-Benz постоел во време (1927 год.) кога Швеѓаните почнале со производство на „автомобилите кои траат вечно“.
Делот за придонес во безбедноста и бројните патенти кои доаѓаат од Трондхајм станува депласиран за споменување. Да илустрирам само со еден пример: кога Volvo почнува со вградувањето на воздушни перници, BMW се спасува од банкрот со производството на Isseta.
Ако мислите дека тоа е небитен податок, погледнете колку напори вложува Lexus за да се приклучи кон премиум друштвото. Неретко германските голеги со потсмев велат дека на јапонците им фалат три – четири децении за да бидат конкурентни.
И на крајот, кому му е тоа битно? Поготово кога се размислува од аспект на рационален купувач. Битно е, секако. Во принцип има мал милион позиции што не можат да се забележат ниту после детален преглед на возилото.
Пример: од каде ќе знаете каква изолација е поставена, или што е преземено за пригушување на вибрациите. Некој ќе се заинтересира можеби за антикорозивната заштита, дебелината на лимот, квалитетот на материјалите од кои се изработени седиштата или вградената пластика, можеби.
Велам, постојат мал милион позиции кои не се видливи. Но, и тоа како се чувствуваат при возење. Ете затоа е важна таа класна припадност. Едноставно му верувате на деценискиот развој, … и на брендот. И зошто тогаш Volvo го карактеризирам како Алтернативен премиум? Само поради имиџот кој со ништо не сака посебно да се истакне. Дискрецијата во настапот уште повеќе го надополнува тој имиџ.
Да, да не заборавиме дека темата ни е XC60 кој е најпродаван модел од семејството. Јасен е скандинавскиот карактер; трпеливо градење на довербата преку понуда на квалитетен производ кој сите доблести дискретно ги истакнува со тек на експлоатацијата.
Да не заборавам, си поминав одлично со тестното возило. XC60 D4 AWD вози одлично без разлика на подлогата иконфигурацијата на теренот. Во иста мера ги сака и автопатските делници. Сето тоа го прави во стилот на скандинавкси господин кој во работните денови се однесува рационално, а за викендите активно се рекреира одржувајќи така перфектна кондиција.
Volvo XC60 D4 AWD | |
мотор | Diesel, четири цилиндри, линиски, сместен напред попречно |
работна зафатнина | 1.969 cm3 |
напојување | директно вбризгување на гориво, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар, двоен турбо компресор |
максимална силина | 140 kW / 190 КС @ 4.250 |
максимален вртежен момент | 400 Nm @ 1.750 – 2.500 врт/мин. |
пренос на силина | Geartronic 8-степеснки автоматик, перманентен погон на двете оски |
потпирање | Напред: мулти линк, гасни амортизери, стабилизатор
Назад: мулти линк, гасни амортизери со саморегулација, попречен стабилизатор |
сопирачки: напред / назад | самовентилирачки дискови / дискови – ABS, EBD, ESP |
должина x широчина x височина | 4.688 x 1.902 x 1.658 (mm) |
меѓуоскино растојание | 2.865 mm |
тежина | 2.033 kg |
максимална брзина | 205 km/h |
забрзување од 0 – 100 km/h | 7.9 секунди |
комбинирана потрошувачка | 5.8 l/100km (според NEDC) |
емисија на CO2 | 153 g/km (според NEDC) |
текст: Агрон Сулејман
фото: Јулиа Егорова
Интересно
-
Колумни
/ пред 4 неделиЕвропа ја губи трката
Кризата во автомобилската индустрија се посилно ја притиска европската економија. Состојбите воопшто не...
Од Autoinfo.mk -
EV
/ пред 4 неделиZeekr Mix: врвниот семеен ван, во Кина ќе чини неполни 36.000 евра
Брендот Zeekr на Geely има полни раце работа со проширување на својата гама....
Од Autoinfo.mk -
Во светот
/ пред 1 месецŠkoda Elroq: струја по цена на гориво
Компактниот SUV на Škoda ќе се нуди со мотори од 125 до 210...
Од Autoinfo.mk