Почетокот на годинава воопшто не ветува безбедност на нашите патишта – човечките жртви на ранливите категории сурово нé предупредува за мигот кој го живееме.
Не ни се потртебни никакви длабоки анализи ниту системски проучувања за да ја увидиме страшната небезбедност на нашите патишта. Таа е видлива со голо око.
Се гине на сите страни, ако постои од страшното уште пострашно, жртви се воглавно ранливите категории на учесници во сообраќајот. Во моментот живееме со страшните последици од грешките направени во минатото и институциалната пасивност за промена кон побезбедно.
Нашиот сообраќај опстојува во просторот на црниот триаголник омеѓен со човечкиот фактор, возилото и инфраструктурата.
И како по обичај, реакциите на граѓаните доаѓаат откако ќе бидат лично засегнати од опасни ситуации. Останатите летаргично ги подигнуваат рамењата по случените трагедии и се повикуваат на помошта од севишниот.
А сите сме во таа завриена каша која, еве ние вака, цивилизациски си ја нарекуваме сообраќај. Но современиот свет, … ма кој современ свет, ние во ова значајно поле од цивилизацискиот живот можеме да се идентификуваме само со најпримитивните општества.
Јасно, кога лаици ќе почнат со барање на излез од опасноста наречена сообраќај, започнува мудрувањето со идеји кои започнуваат со „само“.
Но, никакви „само“ закони, контроли, казни, патишта, инфраструктура, возачка култура, цивилизациско однесување, … не нé спасуваат. Спасот се вика, изградба на сеопфатен функционален систем.
Во изградба на тој систем, кој е долгорочен процес, потребно е вклучување на целото општество. Никакви „акции“ тука не помагаат. Секоја чест на Републичкиот Совет (РСБСП) за ангажираноста, но катастрофални состојби не се решаваат, акциски.
Позитивните искуства можеме лесно и брзо да ги пронајдеме. Ги имаат (и непрекинато ги надоградуваат) развиените западни земји.
Во суштина говориме за многу едноставни работи. Ни требаат Закони (и сега ги имаме), контрола, неселективна примена (ич ја немаме), адекватна инфраструктура и заедно сите ние како дисциплинирани учесници и чинители на тој систем.
Но ние не би биле Балканци ако не ги ископликуваме работите, па макар со тоа и ја загрозиле сопствената и туѓата безбедност.
Штом го вклучиме факторот ‘човек’ веднаш тој наш систем затајува. На човек што сообраќајот го сфаќа како врвна умешност на преживување, тешко ќе му го смените однесувањето. Уште помалку кога треба да заиграат познаствата со судии околу некоја пријава.
По редот на нештата сега би требало да се каже чарето за престанок на ова сообраќајно лудило! Од погоре кажаното како приоритет се наметнува изградбата на функционален систем кој би требало да започне со развивање на сообраќајната култура уште од најрана возраст.
Додека стасаат тие генерации ќе биде потребно паралелно да се работи на развојот на инфраструктурата и (најтешкото) на присилна промена на возачката ментална матрица. Во тој правец, драконски казнени мерки заедно со неселективна правда може да одиграат позитивна улога во сочувување на животот и здравјето на нацијата.