Четвртата генерација на Focus е изградена врз нова платформа, ја движат серија трицилиндрични турбо мотори, сериски доаѓа со цела низа на безбедносна опрема и има нова естетика. Ја возевме верзијата со бензинец од 125 КС и ниво на опрема Titanium Bussines.
Ford произведува возила – одамна! Кога ние правевме црешови топчиња тие воведуваа линиско производство на автомобили.
Таа историска оставштина се рефлектира на секој нов производ. Новата, четврта по ред генерација на Focus, започнува да го живее својот живот оплеменета со богато искуство.
Првиот Focus претставен пред точно дваесет години силно обврзува. Поготово неговата перфектна механика.
Нова платформа
Шефот на дизајнерската екипа Доменико Тонело имал сложена задача. Почитувајќи ги претходниците да создаде современ облик кој ќе се допадне на широк спектар купувачи.
Да, токму таков е профилот на купувачите на возила од „Ц“ сегментот. Доволен е само еден поглед и да му се честита на главниот цртач – нема никакви дилеми дека е тоа Focus, и нема никакви дилеми дека ретко кој ќе приговори на модерниот облик.
Сепак погледот на механичката основа ни ја открива и прагматичната страна на Ford. Новата C2 платформа има можност за вградување на две разни по концепција (и по цена) задни оски.
Мулти линк оската е резервирана само за верзиите со посилни (над 150 КС) мотори. Останатите ќе се задоволат со полукрута оска. Поедноставното решение носи и низа предности, освен цената тука е и зголемениот багажен простор.
Омилените три цилиндри
Во новиот Focus, Ford вграува два троцилиндрични турбо мотори од серијата, EcoBoost.
Еднолитарскиот може да испорачува 100 или 125 КС, додека поголемиот (1.500 ccm) доаѓа со 150 односно 182 КС.
Нашето возило опремено со 125 КС забрзува во рамно 10 секунди и постигнува максимум од округло 200 км/ч.
При носењето на одлука, прашањето ќе гласи: дали ви се потребни поизразени перформанси? Ако имате потврден одговор, повелете верзија со 182 КС, па уживајте.
Ако пак не ви е потребен целиот капацитет на моторот, сериски достапните модови (Normal, Sport и ECO) ќе ви овозможат адекватен одговор преку промена на однесувањето на возилото. Извонредната динамика ќе знае да ги разоружа и најголемите скептици за малиот (999 ccm) мотор. Традиционално одличните менувачи се тука да ја дополнат сликата за беспрекорната механичка основа.
Безбедност за сите
Ако поедноставиме, современите преставници од Ц-сегментот во основа поседуваат безбедносна опрема која се состои од сет воздушни перници, задолжителните контроли за тргнување, тракција и сопирање, и секако, пасивна безбедност за која е задолжена носечката структура.
Современите текови налагаат освен таа контролна електроника да биде вградуван и радар (најчесто и камера) кој безбедноста ја подига на повисоко рамниште.
Тој овозможува држење на растојание со возилото пред него, да го држи возилото во својата коловозна лента, да сопира самостојно.
Од друга страна, камерата успева да алармира за возило во мртов агол, да ги бележи сообраќајните знаци, да го детектира заморот кај возачот, …
Сите тие системи драматично ја зголемуваат безбедноста, но исто така и значително го поскапуваат возилото. Затоа, кога ќе ја погледнете цената на одреден модел, внимателно разгледајте ја понудената безбедносна опрема.
Тогаш, во нашиот тестен Focus беше вграден радар со сите свои функции. Згора на тоа и мотор кој ги исполнува Euro 6d Temp нормите.
Класичен Ford
Никогаш не судете за некој автомобил пред да седнете во него. Оваа докажана вистина поготово се однесува на новиот Focus. Откако ќе се сместите зад управувачот и кренете во возење, чувствувате како да управувате со едно монолитно парче кое се движи.
Ниту најмало изненадување од неочекувани покрети нема. Се е предвидливо и едноставно. Од патот примате мал милион информации и лесно се прилагодувате кон условите.
Ако навремено се навикнете на специфично скроената ергономија, ќе може да се ужива во чувство на управување познато само кај поголемите и многу поскапи возила. Да не заборавиме, при неодамнешното претставување имавме прилика да ги возиме ST и Vignale верзиите. Имресивни се во секој поглед, верувајте!
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ
мотор …………………..……… бензински EcoBoost, 3 цилиндри, 999 ccm, Turbo, 12 вентили, Euro 6d Temp
макс. силина ………………… 92 kW / 125 КС @ 6.000 (врт/мин)
макс. вртежен момент ….. 170 Nm @ 1.400 – 4.500 (врт/мин)
димензии …………………….. 4.378 x 1.825 x 1.454 (mm)
макс. брзина ………………… 200 км/ч
забрзување 0-100 km/h … 10.0 сек.
тежина на празно возило .. 1.247 kg
комб. потрошувачка ………. 4.8 – 5.1 л/100 км (CO2 – 108 – 115 g/km)