Третата генерација на Kia Ceed минатиот викенд службено беше претставена пред македонската јавност. На коктел забава во Portofino Osteria & Bar, дебитираше најамбициозното годинешно остварување во Ц-сегментот.
Корејската компанија продолжува цврсто да гази по стазите на глобалниот успех. На тој пат моделот Cee’d одигра клучна улога. Појавувањето во 2006 значеше силен пресврт во тогашната стратегија на Kia.
Потоа следеа и други модели кои под дизајнерска палка на Петер Шрејер непогрешливо го погодуваа вкусот на потрошувачите.
Поради пионерската улога, но и поради силниот поттик пружен на останатите модели, претставувањето на нова генерација на Ceed (апострофот од името сега е отстранет) предизвикува голема лубопитност.
Поготово бројните европски и јапонски конкуренти не можат да останат рамнодушни на појавата на Kia Ceed. Тука не станува збор само за седум годишната гаранција туку за употребеното техничко-технолошко ниво, како и на шамионската противредност за вложените пари.
Еве ги и фактите. Третата генерација на Ceed доаѓа со поизразен, брендовски стил, зголемени димензии а во него се инкорпорирани сите технолошки новини кои Kia досега ги вградуваше во повисоките сегменти. Уште повеќе, сите понудени мотори ги исполнуваат еколошките Euro 6d TEMP норми, кои на сила стапуваат идната година.
Засега моторната екипа е составена од добриот (преработен) познаник, 1.4 литарскиот бензинец со 100 КС, потоа следи турбо моторот од 1.0 литри и 120 КС, како и 1.4 литарскиот турбо со 140 КС.
Единствениот дизел носи ознака 1.6 CRDi и ослободува 136 КС. Преносот на вртежниот момент стандардно се пренесува преку 6-степенска трансмисија а со доплата е понуден 7-степенски автоматски менувач со двојна спојка.
Поради големиот интерес, на самиот старт на продажбата во Македонија, Kia Motors, нуди акциски цени. Ceed со Vision ниво на опрема може да се добие по цена од 13.990 евра, и тоа со високо ниво на опрема како што се централно поставениот екран на допир на кој се проектира слика од камера за возење наназад, како и конективна поддршка за Android Auto и Apple CarPlay.
Во повисокото ниво на опременост, Ceed доаѓа со безбедносни системи за автономно сопирање и за автоматско одржување на возилото во лента, алуминиумски тркала, автоматски клима уред, сето тоа, но збогатено со уште цела низа помагала, а по цена од 15.990 евра.
Домашниот увозник, Kia Motors Macedonia веќе има обезбедено контингент од новиот Ceed во кој се искомбинирани понудените мотори и менувачи со двата пакети на опрема. Секако дека е оставена и можност за персонализација на возилото, се со намера да се задоволат и најспецифичните вкусови.
Дали со пристигнувањето на новиот Ceed можеме да констатираме дека е роден новиот македонски бестселер? Одговорот на ова прашање ќе треба да го дадат купувачите, но сите предуслови за тоа да се случи, се тука!