Škoda направи уште еден чекор кон автономната иднина, овој пат во соработка со техничкиот универзитет во Острава.
Автономна е иднината, ама во време кога Mercedes се повлекува од неа, таа да пристигне од Škoda е еднакво на шок-терапија за сите одговорни од автомобилската индустрија. Големиот шамар на поголемите од нив, заеднички им го удрија чешкиот производител во соработка со техничкиот универзитет во Острава.
Тие со здружени интелектуални сили модифицираа две возила Superb iV да се следат едно со друго без интервенција на возач. Ќе кажете ништо ново, но всушност ова покажува колку авто-индустријата „лута” меѓу новите насоки кои ги наложува иднината.
Нивното размислување е во правец дека сите сакаме автомобилите сами да нé однесат на посакуваната локација, но за да тргнеме со доверба на тоа патување треба да го направиме првиот чекор кој секогаш е мал.
Тој чекор, според интелектуалците од универзитетот во Острава, е токму можноста да им се довери на автомобилите да се следат еден со друг. Колку ова има логика нема да објаснуваме – автономната технологија сé уште ја нема целосната доверба на луѓето заради што пожелно би било барем во првиот автомобил во колоната да има возач кој ќе управува со него.
Понатаму сé е прашање на индивидуално прифаќање на техничкиот развој, кој неминовно ќе нé донесе до крајната цел – автомобил што се управува целосно самостојно. Доколку малку подетално се задржиме на ова ниво, ќе сфатиме дека технологијата која има потенцијал за ова всушност ги демонстрира можностите на сите веќе познати системи интегрирани на начин да покажат што заедно можат да сторат.
Технички поддржано, системите што универзитетот во Острава заедно со Škoda ги има имплементирано можат врз основа на водечкото возило кое ги одредува брзината, лентата на возење и другите параметри да им наложат на сите позади него да го следат на растојание од само 10 метри.
За остварување на ова потребно е возилата да бидат опремени со најсовремени технолошки системи, од кои основна е комуникацијата меѓу нив обезбедена со размена на информации преку 4G, LTE и 5G мобилните мрежи.
Се разбира, мора да имаат и посебна компјутерска единица која ќе ги обработува добиените податоци од сензорите, камерите и радарските системи, со што ќе се обезбеди идентификација на слики и 3-Д објекти во реално време следејќи го сообраќајот и околината. Дополнително, токму заради нив, тие можат сами да паркираат без никаква човечка интервенција, без присуство на водечкото возило.