СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Носете зимска опрема – уште подобро, користете зимски пневматици

 

Во периодот помеќу 15 ноември и 15 март сите возила кои учествуваат во патниот сообраќај мора да поседуваат зимска опрема.

Законските одредби кои се пропишани во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, се сосема јасни.

Во него прецизно е пропишано што треба да поседува возилото од зимска опрема.

Таму се говори за возење со зимски пневматици на сите тркала со длабочина на шарата од најмалку 4 милиметри, или возење со летни пневматици но со поседување на синџири за снег.

Непочитувањето на оваа одредба повлекува мандатна казна од 45 евра (во денарска противредност).

Ако ни е дозволено, би укажале на една голема нелогичност. Законот налага да се поседува но не и бесусловно да се употребува зимската опрема.

Значи може да се вози со летни пневматици, со тоа што во багажникот треба да имате синџири.

Поинаку кажано, ако при ниски температури користејќи летни пневматици предизвикате сообраќајна незгода, пред законот сте исправни ако во багажникот носите синџири. Ако ги немате се смета дека вие сте виновни за немилиот настан.

Нема логика, нели?

Притоа треба да се потсетиме и на фактот дека летните гуми функционираат кога надворешната температура изнесува над 7 степени целзиусови.

Под таа температура тие ја губат способноста за добар контакт со подлогата.

Поради нивниот хемиски состав каде што доминира гумата, зимските пневматици може да функционираат до „дебели“ минусни температури.

Освен погрубиот дизајн на површината тоа е најголемата разлика помеѓу зимските и летните пневматици.

Развиениот автомобилски свет тоа го решава многу едноставно – МОРА да се вози со зимски пневматици.

Тоа е малку поскапа варијанта, но почитувани наши возачи, тука треба да бидеме искрени и да одговориме на прашањето кое ги поврзува безбедноста и чинењето на сет зимски пневматици.

Гледано малку пошироко треба еднаш засекогаш да расчистиме со тоа дека поседувањето возило и учеството со него во  сообраќај, не е, и не смее да биде, социјална категорија.

Тесно поврзано со тоа сфаќање, не би смееле да правиме никакви компромиси со безбедноста на нашите возила. На ова место се поставува и друга важна тема како што е загадувањето, но за тоа во некој друга прилика.

За да нема дилеми околу нашето мислење, уште еднаш ќе повториме: Не за летните пневматици во зимски услови (без разлика дали имате синџири во багажник), туку ЗА обврзувачка употреба на зимски пневматици.

Сепак, се додека законските одредби се вакви какви што се, ќе мора сите заедно да ги почитуваме. Нашата препорака е јасна: додека е време монтирајте си зимски гуми. За ваше, но и за општо добро.

 

 

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг