СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Зимска опрема: дали треба да се допрецизира законот?

 

Од 15 ноември до 15 март според нашите закони трае обврската за носење на зимска опрема, но постојниот закон има сериозни недоследности.

Да бидеме на чисто: зимска опрема мора да се носи. Временските прилики и географијата на нашата држава, во многу краток рок и на релативно мало растојание, можат драматично да ги влошат патните услови.

Но, едно големо „но“ ќе кажеме за законските одредби кои предвидуваат носење, но не и обврска зимската опрема да биде монтирана.

Дозволете една многу реална ситуација. Возите со летни пневематици (со минимална шара од 4 mm) и по ваша вина предизвикувате сообраќајна незгода.

Во случај да во багажникот носите зимска опрема вие не сте виновни, но ако ја немате автоматски целата одговорноста паѓа врз вас. Нон сенс без преседан!

Значи: ако во вашиот багажник има синџири или друга зимска опрема вие, иако возите со летни гуми и се лизгате неконтролирано на сите страни, нема да бидете виновни за предизвикувањето незгода.

Кога ваква недоследност е со закон дозволена (додуша индиректно), тогаш во име на дефинирање на некои идни ситуации, ќе треба да се интервенира во одредбите на тој закон.

Едноставното бришење на зборот „НОСЕЊЕ“ со кој се дозволува употреба на летни пневматици и зимска опрема, и негова замена со волшебните зборови ЗАДОЛЖИТЕЛНА УПОТРЕБА, ќе овозможи поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Импликациите од оваа измена се јасни: наместо купување на релативно евтините синџири ќе мора сите да вложат во купување на зимски пневматици, кои нормално, чинат повеќе пари. Тоа е цената која ќе мора да се плати.

Има многу држави во светот каде што ова е едноставно решено со закон, односно со задолжителна а не условна употреба на зимската опрема, значи ништо ново.

Приговорите дека кај нас (веќе) нема јаки зими и ниски температури, едноставно не држат. Еве прашајте ги во Македонија пат, они имаат богато искуство со прогнозите.

Прашањето е, кој тоа ќе гарантира дека зимава нема по којзнае кој пат повторно да не изненади снегот, значајно да паднат температурите, па возењето со синџири во багажник да се претвори во опасно, инерцијално движење по тангента.

Затоа, свесно ќе повикаме: не го почитувајте законот туку одете над неговите одредби и обавезно вградувајте зимски гуми. Овие одредби од законот ќе мора да се ревидираат – се работи за нашата сообраќајна безбедност.

 

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг