СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Дали сме подготвени за драматичен пресврт во урбаната мобилност?

 

Светот се соочува со голема технолошка револуција во која се напуштаат традиционалните траспортни навики. Дали сме подготвени и ние да ја прифатиме новата реалност? 

Разговарам со Никола, млад човек од Скопје кој неизмерно си го сака своето Audi.

Како што вели, за 4.800 евра му го донел пријател од запад. Голем автомобил, дизел, малку троши, одлично го служи, … сон за многумина.

Не, воопшто не е важно колку има поминато, ниту како е возено. Тоа дека при секое нагло додавање на гас, позади испушта димни сигнали видливи до Куманово, не го возбудува многу.

Најважното прашање кое силно удира на логиката гласи: дали на Никола воопшто му треба такво возило?

Да, ќе извика хорот составен од бројни истомисленици.

Ај да ја погледнеме ситуација ослободени од младешките желби. Очигледно во Скопје има поголем број возила отколку места за нивно паркирање. Едноставно просторот е веќе зафатен.

Притиснати од оваа вистина излезот мора да се бара во алтернативни начини на мобилност. Градски сообраќај, мали електрични возила, велосипеди… сé се повеќе in. Дефинитивно големите автомобили слични како оној на нашиот соговорник одат во aut.

Кога логично ќе се погледне, навистина незграпно делува кога некој со голем автомобил се вози сам до одредиштето кое во просек е одалечено само пар километри.

На страна фактот што така се трошат енормни количини (прескапо) гориво, места за паркирање нема ниту да се отиде до таму, ниту пак кога ќе се врати назад.

Не говориме тука само за нашиот главен град, останатите урбани средини не се во нималку подобра состојба.

 

Чарето е во промена на сфаќањата

Иднината е поприлчно извесна. Проекциите недвосмислено наведуваат на употребата на јавен превоз, мали електрични возила, и највеќе на – велосипеди.

Само како пример да наведеме дека масовната „бисиклизација“ на Холандија е започната во 1973 година. Датумот некако се поклопува со нафтената криза и наглиот раст на цената на енергенсите.

Денес Холандија важи за сообраќајно најуредена, а воедно и држава со еколошки најчиста средина. Одличен пример како совесните општества умеат од кризни ситуации да излезат како победници.

 

Дали можеме и ние да го „свичнеме“ менталитетот?

Вакви салто-превртувања можат да изведат само нации со прилично цврсти карактери и ментално доволно силни за да можат да се откажат од лажниот комфор во мобилноста.

Такви сме какви што и си сé знаеме, така да веројатноста доброволно да го направиме тоа е многу мала. Добрата вест е што по се изгледа дека ќе бидеме приморани на такви и слични чекори. Кваката е во тоа што колку порано се свестиме, толку подобро по нас.

 

А што тоа треба да направиме?

Просто, најпрвин да го напуштиме однесувањето како нашиот Никола. Едноставно така веќе НЕ МОЖЕ. И точка.

Скопје (и останатите наши градови) веќе ги надминуваат физичките капацитети за апсорбирање на додатен број возила. А тоа се околу 40 илјади единици годишно, од кои барем половината завршуваат во главниот град.

На своја кожа тоа го почуствуваа поразвиените од нас, па ете прилика еднаш да се свестиме и да извлечеме поуки од туѓите искуства. СИТЕ заедно. Во спротивно ќе се закочиме,… и ќе се угушиме во сопствената неосвестеност.

Сите чинители во општество треба да го преземат својот дел од одговорноста за да со заеднички напори се соочиме со новата реалност. Повиското ниво на цивилизациско однесување бара малку повеќе свест и одредено откажување од себичните навики.

За постигнување на тие повисоки цели најпрвин би требало да се договориме за целосно дестимулирање на транспортот со големи возила низ урабните центри, потоа да организираме ефикасен градски транспорт, да изградиме велоспедски патеки, да оформиме безбедни пешачки патеки.

На автоцентристичкото регулирање на сообраќајниците дефинитивно ќе треба да заборавиме.

Поточно, ќе биде потребно да ја трансформираме патната инфраструктура и приматот до го одземеме од автомобилите и да го пренесеме на останатите категории учесници.

Да, погодувате. Возилата ќе треба да бидат придвижувани на струја. Воздржете се за кратко од недолични (и неточни) коментари. EV се нудат по цени кои започнуваат веќе од 5 илјади евра, а веќе за 10 илјади евра може да се набави сосема пристојно возило.

Оставете ги сега и приговорите за недостатокот на електрична енергија. Ние немаме ниту нафта, ниту пак гас. Безмалку целата потребна енергија доаѓа од увоз.

Како што гледаме, имаме солидни појдовни позиции (патна инфраструктура) за реализација на „револуцијата“.

Дали воопшто треба да заклучиме дека единствената причина за изведување на драматичната пресвртница во урбаната мобилност зависи само од пркинувачот во нашите глави.

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг