Sport 3.0 TDV6 HSE е дизелска верзија од 258 КС на моделот од горната класа на Range Rover, луксузната дивизија на Land Rover.
Приказната за Range Rover Sport започнува во 2004 година со претставување на првата генерација. Наследникот се појави 9 години подоцна за да сега ја гледаме неговата редизајнирана извебда.
За британски сфаќања период од петнаесетина години и не претставува некоја традиција која треба посебно да се истакнува. Но, механичките основи од Land Rover Discovery, кои служат како појдовна точка при изградбата на Range Rover Sport, од темел го менуваат историскиот контекст.
Значи традицијата е неспорна, но што друго е потребно за да се стекне и потоа ужива во имиџот на луксузен теренец со кој на лов оди и британското кралско семејство?
Сложено прашање, барем така се чини од призма на бројните новодојденци со претензии да изградат барем приближни позиции. Се чини дека најблизу се BMW X6, Mercedes GLE или можеби Porsche Cayenne. Кон истата цел се стремат и јапонците, Lexus со LX и Infiniti со QX 80, но без поголем успех кај старото европско благородништво.
Како тоа го прават британците?
Прашањето за системот со кој бртанците успеваат да се наметнат истовремено звучи и како енигма но и како многу едноставно.
Тие најпрвин ја создаваат потребата за таков вид продукт за да потоа понудат и решение. Range Rover Sport е токму производ, би рекле дури и со потенцијал кој ги надминува реалните потреби. Еве и зошто.
Самата појава на Range Rover Sport предизвикува стравопочит. Можеби не толку со должината 488 cm, колку со широчината (222 cm) и височината (180 cm).
Иако монокок шасијата е изработена во целост од алуминиум, сепак вкупната тежина (од 2.115 kg) може да се почуствува и со „голо око“.
V6 моторот од три литри со своите 258 КС и 600 Nm успешно се носи со таа килажа; забрзувањето до првите 100 км/ч трае само 7.3 секунди со максимум на брзината поставен на 209 км/ч.
За пренос на силината до 21-инчните тркала е задолжена 8-степенска автоматика, а начинот на кој функционира интегралниот погон може да се избере рачно или таа задача да се довери на автоматиката.
Во возениот модел потпирањето беше електро-пнеуматско што значи дека и висината на возилото може да се прилагоди спрема конфигурацијата на теренот.
Кој ќе издвои над 100К евра за вакво возило?
За индиските сопственици (TATA) на Jaguar Land Rover по сé изгледа дека тоа прашање е најмалку актуелно: купувачите на луксузни возила се сé побројни. Поготово кога ќе се понуди пакет од богато наследство, врвна изработка, современа технологија и, … и се рабира, оригинален имиџ!
Заедно со тој пакет оди и припадноста кон заедницата со посебен социјален статус. Уживањето во благодетите на современата технологиа која е облагодарена со мноштво безбедносни системи, доаѓа како шлаг на големата автомобилска торта. Нешто од горе споменатите аргументи може да важат и на нашиот пазар.
И, … како вози?
Веднаш да расчистиме, Range Rover Sport вози токму како што и се очекува од него. На брзите автопатски делници, потребно е постојано следење на брзиномерот бидејќи перцепцијата за брзина како да е целосно исклучена.
Амбиентот е облагороден со примена на кожа секаде каде што е возможно, седиштата се кралски а командите едноставни и логични. Огромниот кровен отвор обезбедува продор на светлина како во кабриолет, а видливоста од возачката позиција го буди чувството на моќност.
Ако асфалтот е прекриен со снег, или пак ако се излезе од него, на сцена стапува интегралниот погон на кој може да се избере соодветен мод за распределба на силината. Во тој случај, аристократијата (нова или стара, сеедно) следена од мноштво ловџиски кучиња, на крајот на денот ќе може да се пофали со богат улов.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ
мотор ………………………… Diesel, Commonreil, V6 BiTurbo, 24 вентили, 2.993 ccm, Euro 6
макс. силина ………………… 190 kW / 258 КС @ 3.800 (врт/мин)
макс. вртежен момент …….. 600 Nm @ 2.000 (врт/мин)
димензии …………………….. 4.879 x 2.220 x 1.803 (mm)
макс. брзина ………………… 209 км/ч
забрзување 0-100 km/h …… 7.3 сек.
тежина на празно возило …… 2.115 kg
комбинирана потрошувачка .. 6.9 л/100 км. (CO2 – 182 g/km)