Компанијата „Пнеуматик“ во соработка со Општина Центар, Одделението за превенција при СВР-Скопје и основното училиште “Јохан Хајнрих Песталоци”, го реализираше првиот дел од проектот “Поддржуваме безбедна иднина” – кампања за заштита и безбедност на најмладите учесници во сообраќајот.
Зарем постои поголем мотив за реализирање на проект од тој што ја засега безбедноста на најмладите во сообраќајот. Згора на тоа и подигнување на свеста пред сé кај возачите, но и кај децата кои се директни учесници во сообраќајот.
Младите и нивната едукација за поголема безбедност треба да бидат основни приоритети на општеството, но и на одговорни компании како што е тоа примерот со Пнеуматик која донираше заштитни фосфорни елеци за учениците.
Тие би биле, во зависнот од потребите, користени од учениците кои одат на еднодневни едукативни посети и работилници надвор од училиштето, а целта е тие да бидат позабележиви, а со тоа и побезбедни учесници во сообраќајот.
Убаво смислениот настан започна со реализирање на едукативна работилница од областа на сообраќајот за учениците од II-ро одделение – сообраќајно-воспитната акција “Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Униформираните полициски службеници кои како врвни педагози знаеја да го задржат вниманието на најмладите, создадоа голема интерактивност со дечињата присутни во холот на ООУ ,,Јохан Хајнрих Песталоци”.
Настанот беше поддржан и од Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ кој им се обрати на присутните заедно со претставникот на Пнеуматик, Александар Трајковски.
Тој воедно ги изнесе и идните планови за реализација на нови проекти во соработка со Одделението за превенција, СВР Скопје.
Според Трајковски, активностите ќе продолжат да се одвиваат во текот на целата учебна година и ќе бидат опфатени и други општини на територијата на Град Скопје, бидејќи примарна цел е сите заедно да ја поддржиме безбедната иднина на најмадите учесници во сообраќајот.
Едукацијата и донацијата ќе бидат реализирани и прилагодени на возраста на децата. Ова е една од ретките акции која освен благородноста на идејата во себе содржи и силна едукативна нота која на подолг рок, во тоа сме сигурни, дека би дала одлични резултати.