СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Актуелен Миг

Што после акциските контроли?

 

Секојдневните полициски извештаи говорат за раскошен талент во прекршување на законите и разноврсност во недоличното однесување во сообраќајот.

Што и да контролира сообраќајната полиција, извешатите се преполни. Пречекорување на брзината, возење под дејство на алкохол, нерегистрирани возила, опасни маневри,… мотоциклисти без опрема, пешаци кои пресекуваат булевари,…

Општ е впечаток дека нема прекршок што не можеме да го направиме. Најгрубо што можеме.

Навистина сме талентирано разноврсни во правење на сообраќајни глупости.

Сé би било во ред со нашето несоодветно однесување кога тоа не би водело директно кон – болка.

Човечка болка за губење на блиски, физичка болка на повредените. Материјалните загуби, нели, се посебна категорија на болка.

Само мало потсетување, едно од исконските човекови потреби е мобилноста. Тоа најчесто претставува и големо задоволство. Да, задоволство,… големо! Ако е така, тогаш зошто бе драги пријатели такво нецивилизирано однесување во сообраќајот?

А ретко некој учесник кој не е запознаен со последиците. И покрај тоа пак се потпаѓа под влијание на адреналин, на разно-разни стимуланси, на еуфорија, и најлошото, на необјаснивата желба да не се почитуваат општествените норми.

Како последица на тој менталитет, редот потоа води до груби прекршувања на сообраќајните норми и правила. И ете, одеднаш стануваме најдобри пријатели на несреќите.

А не сме такви сега, од скоро. Такви сме веќе (пре)долг период.

Само што сега (веќе над две години) имаме засилени теренски контроли, па нашето непримерно однесување добива службена верификација.

Сеуште не говориме за изградба на издржан контролен систем туку за акциски контроли на полицијата.

Сепак охрабрувачките резултати од тие контроли јасно укажуваат во кој правец треба да се движиме за подобрување на безбедноста во сообраќајот.

Кога знаат дека се под контрола, едноставно, луѓето се однесуваат попристојно и со поголем респект кон пропишаните правила – на страна стравот од високите казни.

Логиката е едноставна: на пример, зошто да се плати за пар километри побрзо возење, кои дури и на подолги растојанија обезбедуваат само неколку минути порано пристигнување.

Згора на тоа, поевтино е, поекономично, далеку побезбедно и без непотребни разговори со органите задолжени за контрола. Убава промена од која бенефитира целото општество.

Следен чекор на полицијата задолжена за сообраќајот би бил да се обидат сегашниве акциски контроли да ги преточат во функционален систем кој би вклучувал ефикасно и перманентно следење на условите во сообраќајот, и секако, неселективно процесуирање на прекршителите.

А нам, на јавноста, ни преостанува да ја обсервираме работата на сообраќајната полиција, и секако, да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за кои сите заедно сме се договориле.

 

 

текст: Агрон Сулејман

 

Реклама

Интересно

Повеќе од Актуелен Миг