СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Авто Спорт

Дакар 2022: Ал-Атија по четврти, а Сандерленд по втор пат победници

 

Заврши најтешкото, најсложеното и најсмртоносното рели на денешнината, релито Дакар кое како и последните неколку години се возеше во Саудиска Арабија.

После 12 напорни етапи, катарскиот автомобилист Насер Ал-Атија уште еднаш, по четврти пат, се запиша на листа победници на релито Дакар.

Тој ова рели досега го има освоено во 2011 година со Volkswagen, 2015-та година со Mini и 2019-тата година, како и сега, со Toyota.

Ал-Атија водеше уште од самиот старт на 1 јануари и до целта на последната 12-та етапа се одвои од останатите 27 минути и 46 секунди.

Со толкаво доцнење зад него релито Дакар го заврши деветкратниот светски првак во рели Себастијан Леб, кому искуството не му помогна да го загрози.

Со ова Ал-Атија се изедначи со Финецот Ари Ватанен, но остана далеку зад Стефан Петерхансел кој осум пати славеше со автомобил и уште шест пати со мотоцикл.

Попат кажано и неповрзано со овој спорт, Ал-Атија е освојувач и на бронзен медал во стрелаштво на олимпијада во Лондон 2012 година.

Дури и поголема причина за славење имаше и британскиот мотоциклист Сем Сандерленд со KTM кој по втор пат во кариерата го освои ова рели.

Тој после лошата етапа во неделата изгуби 26 минути и падна на четвртото место, но успеа да надомести сé и на крај да стигне до победата.

На тоа не се радуваше Чилеанецот Пабло Квинтанила на Honda, кому победата му избега за само 3 минути и 27 секунди.

Меѓу камионџиите Kamaz уште еднаш доминираше и освои чиста победа, втора за екипажот предводен од Димитриј Сотников.

Кај квадрициклите со повеќе од два часа предност најуспешен беше Французинот Александар Жиро на Yamaha, а во баги категоријата победата ја однесе Франциско Лопез Контардо од Чиле.

 

 

Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Авто Спорт