СЛЕДЕТЕ НЀ
728x90

Наше мислење

Возилата добиваат налепница во боја – шминка или ефикасна мерка?

 

Предлог Законот за возила предвидува обележување на возилата според нивото на загадување со налепници во зелена, жолта и црвена боја.

Во иднина возилата ќе бидат бележани со налепници во боја. Тоа, едноставно кажано, значи дека ако ви е закачена црвена налепница, во одредени општини каде воздухот е загаден, нема да смеете да управувате со возилото.

Предлагачот на законот со овој сет мерки сака да го минимизира загадувањето на воздухот во критичните денови кога тоа ги надминува граничните вредности и преминува во отровна материја.

Сé до тука, се е во ред. Мора некој и да се грижи за здравјето на нацијата, како што е на пример Министерството за животна средина. Но, да се потсетиме: според минатогодишните мерења возилата во вкупното загадување на воздухот учествуваат со максимум 20 проценти.

Ако е така, а така е, логичното прашање гласи: дали вреди да се бележат возилата (и нивните сопственици) со црвени налепници?

Одговорот од екологистите може лесно да се претпостави. Притоа треба да се земе во обзир и мислењето на обележаните корисници кои веројатно нема да имаат друг избор за превоз. Примерот со користење на јавниот сообраќај отвара други горливи теми, и секако не претставува реална алтернатива.

 

Што се предвидува со предлозите од Законот за возила

Едноставно, при регистрација на возилото ќе се мерат издувните гасови и потоа спрема исполнување на пропишани Euro (1, 2, 3, 4, 5 и 6) стандарди, на видливо место ќе се лепат налепници во црвена, жолта или црвена боја.

Кога ќе се надминат границите на загадување на воздухот, автомобилите со црвени налепници на своите ветробрани нема да смеет да возат во одредени општини.

Дека се работи Скопје, Тетово и Ботола, кои патем речено се на светскиот врв по загаденост на воздухот, тоа го знаат и незасегнатите жители од другите градови.

Жолтата налепница треба да значи дека возилото ги исполнува Euro 3 или Euro 4 нормите (Euro 2 за возилата со плински уред), односно дека може во услови на висока загаденост и тие да имаат ограничувања во однос на движењето низ одредени реони.

Без страв од било каква рестрикција се возилата со понов датум на производство, а кои ги исполнуваат Euro 5 и Euro 6  нормите. На нив ќе биде залепена зелена налепница.

И токму на оваа позиција на сцена стапува социјалниот момент, а го предизвикува фактот што сопствениците кои поседуваат понови (читај, поскапи) возила одеднаш стануваат привилегирана каста. Сите добро знаеме, нашиот менталитет е посебно чувствителен на поделбата на богати и сиромашни. Кога е веќе така, фактот што сите го дишеме истоит тој загаден воздух, станува занемарувачки.

Од оваа позиција, ние би додале дека на последиците требаше да се мисли кога во 2011 целосно се либерализира увозот на стари возила, и тоа без никакви технички критериуми. Сега, без преземање на драстични мерки, ништо повеќе не може да се стори. Краткорочните популистички методи секогаш оставаат негативни долгорочни последици.

 

Субвенции и потикнување

Во пакет со мерките за лепење на налепници, владата предлага и одредени субвенции за ублажување на проблемот. Пред се станува збор за субвенција од 5.000 евра при купување на електрично возило, и 3.000 евра при набавката на хибридни возила.

Исто така, со предлог законот се предвидува и субвенционирање за вградување на плински (LPG и CNG) уреди со покривање на половина од трошокот за набавка и монтажа но со сума која не надминува 300 евра. Со оваа мерка се предвидува да бидат опфатени максимално 1.200 возила на годишно ниво.

Овие мерки повеќе наликуваат на шминка, поготово субвенциите при набавка на електрично возило, но секако и тоа заслужува внимание бидејќи фаќаме каков-таков приклучок со развиениот свет каде таа мерка е одамна одомаќена. За „гасификацијата“ на автомобилите е одвишно да се говори – таа требаше многу одамна да биде наше секојдневие.

Ако се занемари драматичната социјална компонента, предложените мерки, иако прилично задоцнети, би можеле да ги оцениме како „пристојни“. И никако не смееме да заборавиме, автомобилите во вкупното загадување на воздухот учествуваат со една петина (податоци за Скопје). Останатите четири петини ќе треба да се решаваат со преземање на уште подраматични мерки.

 

 

 

 

 

 

 

 

1 Comment

1 Comment

  1. Vlatko Arsovski

    ноември 12, 2018 at 7:50 pm

    Koga vozev na plin, SE tepaa da me kaznat, namesto da go afirmiraat na drzavno nivo toa gorivo, see populizam I momentarizam,pa ke vidime, urbanizmot, soobrakjajnite resenija, loso locirana industrija, izveduvanje na gradezni raboti vo ovoj periog, I? Ima uste mnogu, Skopje e kotlina!!!

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Реклама
Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Наше мислење