Kia за прв пат го претстави Stonic во 2017 година, за да летово суб-компактниот кросовер претрпе подмладување. Веќе е понуден во салоните на Kia Motors Macedonia.
Корејците трпеливо ги развиваат своите модели. Тие сеуште го почитуваат ритамот 3+3, односно на половина од животниот век на моделите вршат визуелно и технолошко подмладување.
Отстапки од тоа непишано правило нема ниту кога е во прашање целосно нов модел како што е случајот со Stonic.
Токму затоа слободно можеме да речеме дека по извршеното подмладување моделите ја живеат втората фаза од животниот век.
Летово Kia изврши интервенции на Stonic па по кратко време тој веќе е понуден и на домашните купувачи.
Kia Stonic од моделската 2021 година ќе биде понуден во три нивоа на опременост и со два бензински мотори. Првата изведба, Base ќе се нуди исклучиво со познатиот 1.2 DPi бензински мотор со моќност од 84 КС и се комбинира со петстепенски мануелен менувач.
Следното ниво сега носи ознака Reference 1, а во себе содржи повисоко ниво на опрема, а се нуди само со 1.0 T-GDi мотор со 100 КС. Тој може да се спари со мануелен шестстепенски или автоматски менувач со седум степени.
Третата и најопремена изведба е Reference 2, а таа таргетира купувачи со повисоки очекувања, односно сакаат да се истакнат со својот автомобил.
Дизајнерските интервенции во внатрешноста и надворешниот дел воглавно се однесуваат на доработка на детали, но сепак на новите сопственици им се овозможуваат додатна опции за персонализација. Комбинацијата на новите бои на каросеријата и покривот делуваат навистина свежо и младешки.
Внатрешноста на Reference нивото на опрема се одликува со нов инфо-забавен систем кој сега има 8-инчен екран осетлив на допир и инструмент таблата со екран од 4,2 инчи.
Безбедноста и поддршката на возачот дополнително се подобруваат со усвојување на низа нови високо-технолошки напредни системи за асистенција на возачот, како FCA – системот за избегнување фронтален удар со препознавање на возила и пешаци и LKAS – систем за одржување на возилото во лента.
Повеќе за новиот Kia Stonic може да погледнете на официјалната страна или во салоните на Kia Motors Macedonia.