Компактниот SUV на Škoda ќе се нуди со мотори од 125 до 210 kW, три голмини на батерии и погон на задна или на двете оски.
Во склад со очекувањата за намалување на стакленичките гасови, Škoda го збогатува своето електрично портфолио.
Во растечкиот сегмент на компактни SUV модели Škoda настапува со силен електричен адут.
Чисто електричниот Elroq ја презема одговорноста да се спротивстави на надоаѓачкото авто-цунами од Кина.
Како за почеток да ја истакнеме цената на влезниот модел од 33.000 евра (без субвенции) која ќе важи за европските купувачи. Таа за прв пат е на нивото на бензинските и дизел варијанти на возила кои ги нуди Чешкиот производител.
Ако сеуште важи досегашниот принцип во кој Škoda, во рамки на VW групата, служеше како пробен полигон за лансирање нови модели, тогаш се чини дека овој балон наговестува позитивни промени во групацијата.
>> Максимален домет од 560 km.
Оптимистичкиот старт на Elroq се должи на изборот на три големини на батери и четири верзии: Elroq 50, 60, 85 и 85x.
Како што може да се претпостави, бројките означуваат капацитет на литиум-јонската батерија, додека „x“-от дека се работи за верзија со два мотора, односно погон на сите тркала.
Влезниот модел располага со силина од 125 kW (170 КС), потоа продолжува со 150 kW (204 КС) и завршува со најмоќната верзија од 210 kW (285 КС). Моторите се поставени на задната оска, но затоа Elroq 85x има и додатен мотор напред со што е овозможен погон на двете оски.
Најекономична е комбинацијата на најкапацитетната батерија (85 kWh) и погонот само на задната оска – домет од 560 километри.
Радиусот на движење на останатите две варијанти изнесува 370 (Elroq 50) и 400 километри (Elroq 60). Максималната брзина овде е ограничена на 160 км/ч додека двете „85“-ки можат до максимални 180 км/ч.
Како надополнување на техничките податоци да кажеме дека батеријата од 82 kW може да се приклучи на брз полнач од 175 kW. Во практика тоа значи дека за полење од 10 до 80% ќе бидат доволни само 28 минути.
Поради фактот што батериите се модуларни (верзиите имаат 8, 9 и 12 модули) тоа значи дека и останатите верзии можат да бидат приклучени на идентичен DC полнач, но времето за полнење би било уште пократко.
>> Должина под 4,5 метри.
Škoda Elroq е поставена на проверената корпорациска MEB платформа, на која лежи каросерија со максимална должина од 4.488 mm. Тоа значи дека Elroq може да се смета како алтернатива за класичниот Karoq.
И покрај вкупната тежина од 1.950 kg декларираната потрошувачка, поточно релативно големиот досег со едно полнење, се должи на извонредната аеродинамика (0.26).
Таа пак доаѓа како резултат од надворешниот облик, кој и покрај малиот отпор на воздухот, оддава впечаток на современост и оригиналност. Може да се очекува дека овој израз во иднина ќе стане карактеристичен за Škoda.
Иако трендовите налагаат еден ист стил, со еден или два инфо-командни дисплеи, внатрешноста на Elroq делува свежо и оригинално, и секако, во стилот на чешкиот бренд.
Високото ниво на дигитализација и конективност веќе никој не ги става под знак на прашање, а во Škoda одат и чекор понатаму обезбедувајќи и конекција со системите на вештачката интелигенција.
Порачките се веќе отворени а испораката на првите примероци (First Edition) се очекуваат во првиот квартал од идната година. Да, со стартна цена од 33K евра.