За прв пат групациската платформа на PSA добива хибриден, plug-in погон на сите тркала и системска силина од 300 КС.
Најголема забелешка на SUV претставниците на PSA групацијата (Peugeot 3008, Citroen C5 Aircross и Opel Grandland X) се упатуваше на адреса на погонот само на предната оска.
Честа прв да го смени карактерот му припадна на германецот од компактната SUV класа, Opel Grandland X.
Додавката Hybrid4 значи дека е вграден хибриден, plug-in систем кој воедно овозможува силината да се пренесува и на задната оска.
Покрај класичниот бензиски мотор, во Grandland X Hybrid4 се вградуваат и два електромотори, по еден на секоја оска. Едноставно да се каже, но извонредно компликувано да се усклади и хармонизира.
Основа на хибридната технологија е бензинскиот 1.6 литарски турбо мотор со 200 КС кој е посебно подесен за хибридни апликации.
Двата електромотори развиваат по 80 kW (109 КС) и се сместени на предната односна задната оска. Потребната енергија електромоторите ја црпат од литиум-јонски батерии со капацитет од 13.2 kWh.
Да го споменеме и 8-степенски автоматски менувач и да го заокружиме хардверскиот дел на Grandland X Hybrid4.
Втората компонента, менаџирањето на енергијата е малку покомплицирана затоа што токму односот спрема ресурсите го одредува карактерот на возилото.
Токму на оваа позиција Opel ја покажува својата долгорочна стратегија. Сетот батерии приклучен на домашна мрежа се полни за само 1 час и 50 минути. Со тој капацитет, само на електрична енергија може да се поминат околу 50 километри и тоа мерено според новите WLTP норми.
Ако сте од тие корисници што на дневна основа не поминувате поголема километража, Grandland X Hybrid4 ќе може да го возите со нулта емисија на штетни гасови. За сите останати прилики тука е бензинецот кој освен што го движи возилото истовремено ги полни и батериите.
Во иста служба е ставен и уредот кој енергијата на сопирање заедно со инерцијалните сили, исто така ги претвара во корисна енергија.
На тој начин автономијата се зголемува за цели 10%. Добро, за оваа заштеда заслуга има и One Pedal Driving ситемот на возење кај кој штом се отпушти педалот за гас веднаш се активира генераторот за струја кој истовремено и го забавува возилото.
Еве добар пример како може SUV возило просечно да троши 2.2 литри на секои 100 километри.
Во суштина возачот може да избира помеѓу четири начини на возење: електричен, хибриден, AWD и Sport. На толку понудени опции јасно е дека Grandland X Hybrid4 ќе може да се користи токму според моменталните, специфични потреби.
Системот plag-in хибрид групацијата PSA одамна го најавува, според решенијата понудени во хибридниот Grandland X, навистина вредело да се чека.