СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

Во светот

Opel Corsa-e: електрификација на демосот

 

Електричната Corsa доаѓа на пазарот веднаш по пристигнувањето на новата генерација која се нуди со широка палета на бензински и дизел мотори. Со 136 КС постигнува перформанси над нивото на класично погонуваните браќа.

Со влезна цена поставена на границата од 30 илјади евра (на Германскиот пазар), Corsa-e се очекува да биде вистински хит помеѓу лубителите на еколошки возила.

Батеријата од 50 kWh може да вози до максимални 337 километри. А тоа и не е така малку, поготово ако батеријата до 80% од капацитетот се полни за само половина час.

За да се покажат вистинските можности, од Opel истакнуваат дека до првите 50 км/ч (најчесто ограничување во Европските градови) електричната „корса“ стигнува за 2.8 секунди.

За да нема забуни, првата стотка се фаќа за 8.1 секунда а брзинскиот максумум, поради штедење на батеријата, е поставен на 150 км/ч. Ова се бројките со кои Opel се надева на одличен прием кај купувачите кои се декларирани „еколошки фанови“.

Во прилог на оптимистичките очекувања оди и серија универзални можности за полнење на батериите, но пред се на системите кои овозможуваат успешно менаџирање на расположливата електрична енергија.

За таа цел се равиени апликациите „Free2Move“ и „myOpel“ кои овозможуваат на мобилниот уред да се следат сите параметри на возилото. Опремата е на ниво на очекувањата од возило кое не ги познава класичните решенија.

Безбедносните функции од типот на автономно сопирање, или пак, држење на коловозната лента со автоматска корекција, предупредувања за возила во мртов агол, … можат да се сретнат и во класичните изведби на новата Corsa.

Регенерацијата на енергија при сопирање и користењето на инерцијалните сили за создавање на електрична енергија, се очекувани решенија. Истото важи и за трите мода на возење „Normal“, „Eco“ и „Sport“ кои служат за одредување на карактерот на употреба.

Уште да ја споменеме регулацијата на температурата во возилото за коja е задолжена посебна пумпа наместо класичните компресори и радијатори. Со истите може да се командува и од мобилен уред, па пријатно ќе биде да се влезе во затоплено возило зимоска, и во пријатно разладено, во летните месеци.

Многу важно за корисниците – во електричната „корса“ ништо не е жртвувано за „повисоки цели“. Сиот комодитет и расположлив простор за патниците и багажот, е идентичен како и кај класичните изведби.

Да повториме, цената на електричната, Corsa-e на Германскиот пазар е поставена на 29.900 евра!

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

фото: Opel

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од Во светот