Минатата година Nissan славеше 50 години од појавувањето на GT-R, додека Italdesign го направи тоа година дена порано. Во чест на двата јубилеја италијанската дизајнерска куќа ќе изработи 50 персонализирани примероци од GT-R50.
Nissan GT-R отсекогаш бил ненаметлив автомобил. Изгледот ниту од далеку не наговестува тоа што се крие под класичните облици на едно купе.
Сеуште ми се живи сеќавањата од пред десетина години кога во близина на Милано, на патеката Ваирано, учествував на директно соочување на десет супер спортисти од рангот на Audi R8, Porsche 911 Turbo 4S, Mercedes SLS, Bentley Coupe …
На тие опсежни тестови GT-R беше рангиран веднаш зад Ferrai 456 Italia и Lamborghini Gallardo, оставајќи ги зад себе развиканите (и далеку поскапи) конкуренти.
Подоцна дизајнерите на Јапонскиот производител ја усовршуваа механиката, но се чини повторно визуелниот впечаток остануваше во сенка на перфектната технологија.
Сега се најде добар повод па пред две години се воспостави соработка помеѓу Италијанските перфекционисти за визуелизација од Italdesign и јапонските сспецијалисти за спорт од Nissan и нивната тркачка дивизија, NISMO.
Како тоа функционира се гледа од приложените фотки направени на патеката “Tazio Nuvolari” каде се вршат завршните динамички подесувања. Nissan GT-R50 by Italdesign механички се потпира на NISMO кој има рачно изработен 3.8 литарски V6 со двојно турбо, кој е навиен на 720 КС.
Претставувањето кое требаше да се случи на годинешниот (откажан) салон во Женева, и развојот стопиран поради пандемијата, сепак нема да го одложи производството кое е планирано за крајот на оваа и почетокот на идната година.
„Нашите клиенти добиваат персонализираното искуство обезбедено од Italdesign, кои имаат долга традиција во ексклузивното поле на ултра-ретки, исклучителни возила со високи перформанси“, рече Мајкл Каркамо, директор на програмата на Nissan спортски автомобили и NISMO. „Нивното искуство со GT-R50 беше неверојатно и можам да кажам од прва рака дека секој автомобил сигурно ќе биде самостојно ремек-дело“.
Еве одлична прилика за колекционерите да побрзаат со резервација на еден од 50-те уникатни примероци. Цената сеуште не е објавено, но ве молам, во светот на посебните едиции наменети за мал број купувачи тоа се смета за елементарна пристојност!