СЛЕДЕТЕ НЀ
autoinfo

EV

Lucid Air: електричен луксуз на Американски начин (видео)

Со над 1.000 КС и радиус на движење од 832 km, серискиот Air поставува нови лимити во класата на електрични, луксузно опремени седани. На нишан е Tesla Model S.

Lucid, новата Калифорниска автомобилска компанија ги овјави податоците од серискиот Air кој веќе им се испорачува на првите корисници.

Од објавените податоци станува јасно дека Tesla Model S ќе биде сериозно предизвикан. Пред се со употребената технологија која во моментот е најдоброто што го има во сериска понуда.

Лимузината со должина од 4.97 и височина од 1,45 метри има големо меѓуоскино растојание од 3,10 m. Според пропорциите, Air ја пополнува прознината помеѓу помалиот Tesla Model S и поголемиот Porsche Taycan.

Луксузната лимузина ги добива конкурентите со рекордно ниската аеродинамика (Cw=0.21) и луксузно осмислениот ентериер, па дури и во просторот за багаж, при што во предниот и задниот дел е понуден волумен од 739 литри.

Одличната аеродинамика може да се претпостави уште на прв поглед. Мазните и елегантни линии, прецизните споеви, малите отвори за воздух и отсуството на остри рабови, јасно укажуваат на посветеноста во постигнувањето на максимална ефикасност.

 

Еден, два или три електромотори

Lucid Air го движат два електромотори со заедничка силина од 1.080 КС. Основната верзија која ќе се појави подоцна ќе поседува само еден мотор од 670 КС. Од друга страна, употребената LEAP (Lucid Electric Advanced Platform) платформа овозможува вградување и мотор на предната оска односно верзија со три мотори и погон на двете оски.

Теоретски, Air може да поднесе вкупна силина од 2.000 КС, а пречка што не е така се батериите со ограничен капацитет.

Техничка специфика е што целиот склоп на електромотор, трансмисија и инвертор се поставени во едно куќиште со исклучително компактни димензии.

Сетот батерии со капацитет од 113 kWh е поставен на подницата, изработен е од LG Chem според спецификации изработени од инженерите на Lucid Motors.

Целиот склоп делува искличително хармонично и многу моќно: забрзувањето до 60 mph (96 км/ч) трае стреловити 2,5 секунди, а максималната брзина изнесува 320 км/ч. Четврт милја (402 m) поминува за 9,9 секунди, што е подобар резултат од постигнувањето на еден Bugatti Chiron кому му се потребни 10,1 секунди.

Кога зборуваме за електрични возила, можеби и најважна особина е радиусот на движење, односно автономијата. Тука Lucid Air со 832 километри е неприкосновен шампион. Овој резултат го надминува Tesla Model S (647 km) а е подобар дури и од идната голема лимузина, Mercedes EQS која би требало да постигне максимални 700 километри.

Приклучен на брз полнач, Air за една минута се полни со капацитет за радиус од 32 километри, а со 20 минути полнење може да добаци до 483 километри. Импресивно, и најдобро што е направено до сега.

Големата ефикасност на електричниот склоп делумно се должи и на работниот напон од 900 волти – Taycan работи на 800, додека Model S се задоволува со 400 волти.

Кога говориме за вградената технологија незибежна тема е сериски вградениот Lidar – System (Light Detection and Ranging) кој преку камери, радари и ултразвучни сензори (вкупно ги има 32) врши оптичко мерење на растојанијата и брзината. Јасно, потоа тие податоци се користат за прцизно реагирање на системите за асистенција.

 

Луксуз според Американски критериуми

Луксузната внатрешност е во Американска смисла на зборот – луксузна! Нивото може да се види од приложените фото-видео материјали, а тоа што највеќе паѓа во очи е прозрачноста на пространата каросерија. Заслугите за оромна количина светлина одат на адреса на ветробранското стакло кое продира длабоко во кровот.

Оромнониот екран, врвниот аудио систем со мал милион звучници, системи за асистенција кои силно продираат во полето на автономно управување, … ќе бидат тема за анализа која допрва треба да биде направена.

Lucid Air во (пре)богатата “Dream Edition” верзија веќе може да се порача по цена од 160 илјади долари, а кому тоа му е прескапо ќе мора да ја причека 2022 година кога ќе биде понудена основна веризја по конкурентна цена од „само“ 80К долари.

Инаку Lucid Motors нема да сопре тука – на истата основа веќе е најавен луксузен SUV кој исто така би требало да ги подигне критериумите на следно, повисоко ниво!

 

 

 

 

 

текст: Агрон Сулејман

фото&видео: Lucid Motors

 

 

 

 

 

 

 

Реклама
Реклама
Реклама

Интересно

Повеќе од EV