Точно по 40 години од појавувањето на Lada Niva, на московскиот меѓународен автомобилски салон беше прикажан наследникот кој сериски треба да го очекуваме во 2021 година.
Досега навистина се изнагледавме цела дузина предлози за наследник на славниот теренец, Lada Niva. Се чини дека на шпекулациите конечно им дојде крајот.
На меѓунардоната автомобилска смотра во Москва, додуша сеуште само концептно, беше прикажан наследникот LADA 4х4 VISION.
Веднаш да расчистиме со ознаките. Поради претходни аранжмани со Chevrolet името Niva е заштитено и не може да се користи од страна само на рускиот производител.
Иако тоа нема многу да смени во однос на наследникот, сепак како сувопарно именување со „4×4“ прави некој подсвесен дисконтинуитет со прославениот теренец, Lada Niva.
Тоа воопшто не му пречело на Стив Матин, шефот на дизајнерската екипа, да изработи современo возило притоа внимавајќи да биде задржана основната идеја на оригиналот. Во принцип говориме за надворешност во која доминира “X” – графиката која ја сретнуваме на предниот дел, на боковите како и во задниот дел на „4×4“.
Импресивниот изглед е пропратен со интересни дизајнерски детали како што се сместувањето на предните трепкачи, кровот во “Т” облик или графиката на задната светлосна секција.
Интересни се и пропорциите на концептот – тркалата со големина од 21 инчи спаѓаат во поекстравагантни решенија, а сокриениот заден пар врати треба да асоцира на сеуште актуелната Niva која секако поседува само по една странична врата.
Внатрешноста е ултра модерна, опремена со најсовремените асистенции, и секако, далеку покомфорна од оригиналот, што и не би требало да чуди ако се знае дека должината на „4×4“ изнесува 4.20 метри.
Сето тоа делува многу привлечно се додека не се погледне под одлично скроениот лим. Тука веќе се наидува на позната платформа која ја кристи и новиот Duster. Иако во Русија ќе се нуди само верзија опремена со перманентен погон, сепак тука можеме да разговараме за SUV, но во ниту еден случај за бестрашен теренец кој не познава препреки.
Засега се најавени современи мотори од регалот на газдите од Renault што е доволна гаранција за издржливост и економичност а за менувачите кои ќе бидат вградени сеуште се води интерна дискусија. Поекономичната верзија, на која инсистираат реноовци, предвидува вградување на постојни корпорациски менувачи додека руските инженери инсистираат на развивање на нови менувачи со кои ќе се даде домашен идентитет на новиот „4×4“.
Останува да се надеваме дека до сериското производство попатно нема да се изгубат некои од поинтересните дизајнерски експресии.